Шекеринска и Брнз на Криволак: Полигонот Криволак го развиваме заеднички со САД во одличен НАТО капацитет

„Ова е одличен ден за Армијата, за македонската одбрана, но ова е одличен ден за нашето стратешко партнерство со САД. Со САД и нивните вооружени сили заедно го планираме развојот на Криволак, заедно работиме на развојот на Криволак, а веќе оваа пролет ќе продолжиме заеднички да го користиме како еден феноменален, не само локален национален капацитет, туку како НАТО капацитет“ – истакна министерката Шекеринска која денеска беше во посета на армискиот полигон Криволак заедно со амбасадорката на САД, Кејт Брнз каде беа брифирани за претстојните активности на инженериските единици од двете земји кои ќе придонесат за развој на овој полигон.

Министерката Шекеринска додаде дека веќе во средината на идниот месец се очекува да пристигне 15от инженериски баталјон на американската војска и заедно со нашите инженерци да продолжат да работат на развојот на полигонот.

„Ова е сојузништво на дело, и ова покажува дека заедно знаеме да планираме, заедно можеме да вложиме во изградбата на Криволак, но се со клучната цел, да бидеме подобри сојузници и заедно да спроведуваме заеднички вежби и заеднички борбени дејствија.“

Таа додаде дека реализацијата на овие активности е всушност подготовка на големата вежба „Одлучен удар – 21“ на која ќе учествуваат околу 2000 припадници од армиите на Северна Македонија, САД, Грција, Бугарија. Шекеринска кажа дека на денешниот брифинг таа заедно со амбасадорката, Брнз биле информирани за планот за развој на полигонот за оваа но и за наредните години кога ќе се реализираат нови вежбовни активности, но и за можностите кои ќе ги понуди полигонот за сите сојузници кои бараат ваков голем простор за извежбување.

„Денеска ќе имаме прилика да видиме до каде е стигната работата со инженерците, меѓутоа мислам дека главната порака е дека кога си дел од силен сојуз како што е НАТО и кога имаш сојузници на кои што можеш да се потпреш – стануваш подобар“ – рече Шекеринска

Амбасадорката на САД, Кејт Брнз истакна дека е импресионирана од професионалноста и од стручноста на војниците, но и од начинот на подготовка за реализација на вежбата „Одлучен удар“.

„Секоја единица на САД која имала можност да тренира тука на Криволак, инженерите, планерите, сите имаат само пофални зборови за потенцијалот на овој полигон и за можноста овој полигон да биде домаќин на ефективни и реалистични борбени вежби. Армискиот полигон Криволак е уникатна вредност за Северна Македонија, не е само локација за вие да ја развиете вашата војска и напорите за модернизација и подготовка за новата опрема како JLTV и Stryker, туку и можност да направите уште покомплексни вежби со сите ваши регионални партнери и сојузници во НАТО, вклучувајќи ги и САД. Задоволни сме што можеме да ги видиме вашите инвестиции во полигонот, многу сме задоволни со вашиот пристап во однос на можноста за идни вежби, и тоа е една од причините зошто, како што рече министерката, и ние инвестираме во Криволак затоа што веруваме дека не е само одлична можност за вежбата која следи и која ќе биде многу импресивна, туку и можност за одржлив развој на Криволак што ќе овозможи истиот да се користи за комплексни регионални операции и вежби во иднина“ – рече Брнз.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail