Република Северна Македонија – 30. Земја – членка на НАТО

Poster za NATO30. Број за паметење. Северна Македонија полноправна членка на НАТО!

Северна Македонија, нашата татковина, е полноправен член на НАТО – Алијансата. Патот беше долг, речиси три децении. Но, бевме одлучни, бевме посветени, бевме фокусирани. Имавме јасна општествена, но и политичка визија дека нашето место е во Алијансата.

Во 1993 година, Собранието донесе Одлука за стапување во Северноатлантската договорна организација, односно НАТО. По само две години станавме дел од Партнерството за мир, а во 1996 година ја отворивме нашата постојана мисија во Алијансата. Статусот кандидат за членство во НАТО го добивме во, сега, далечната 1999 година.

Во 2002 година нашата Армија започна да придонесува во мисијата на Алијансата во Авганистан (ИСАФ), од 2005 се вклучивме во Концептот за оперативни способности на НАТО, а десет години подоцна започнавме со придонес во новата, суштински изменета мисија на Алијансата во Авганистан, наречена „Одлучна поддршка“.

Протоколот за пристапување во НАТО беше потпишан на 6 февруари 2019 година, а првото учество на македонски министер за одбрана на состанок на Северноатлантскиот совет беше по само една недела, односно на 13 и 14 февруари 2019 година. Истата година следуваа 2 дополнителни учества, потоа следеше првото учество на Лидерски самит на крајот на годината, како и уште едно учество на министерката за одбрана, четврто по ред, кон средината на февруари годинава.

Процесот на ратификации на пристапниот протокол во парламентите на сите 29 сојузници се движеше со исклучително забрзано темпо. Првата, од страна на грчкиот парламент беше изгласана на 8 февруари 2019, додека претпоследната, во францускиот парламент на 21 ноември. Ратификацијата во шпанскиот парламент се одложи поради изборниот циклус во оваа земја, и беше завршена на 17 март годинава.

На 20 март, претседателот Стево Пендаровски го потпиша Инструментот за пристапување на Северна Македонија во НАТО.

27 март 2020 г.  Северна Македонија стана 30. полноправна членка на Северноатлантската Алијанса. Деценискиот сон е реалност. Напорите вродија со плод. Храброста и посветеноста се исплатеше. Татковината, во мир, безбедност и просперитет. Државата еднаква помеѓу еднаквите. Заедно со најмоќните!

На 30 март знамето на Република Северна Македонија беше кренато пред седиштето на НАТО во Брисел, во Командата на сојузничките сили за операции во Shape – Монс и Команда на сојузничките сили за трансформации во Норфолк, Вирџинија.

MK zname vo NATO

Што е НАТО?

Северноатлатнската договорна организација (North Atlantic Treaty Organization – NATO) е воено – политичка Алијанса која ги промовира демократските вредности и им овозможува на своите земји – членки да се консултираат и да соработуваат во областа на одбраната, да ги решаваат предизвиците во доменот на безбедноста, да градат доверба и превенираат конфликти. НАТО е посветено на мирното разрешување на сите отворени прашања. Членот 5 од Вашингтонскиот договор укажува на солидарност помеѓу сите земји во доменот на колективната одбрана. „Еден за сите, сите за еден“ – тоа е суштината на најмоќната Алијанса во светот.

ФАКТОГРАФИЈА
  • 1949 година – ОСНОВАЊЕ НА НАТО
  • 12 земји – основачи (1949 година): Белгија, Канада, Данска, Франција, Исланд, Италија, Луксембург, Холандија, Норвешка, Португалија, САД и Обединетото Кралство.
  •   Придружување:
      o 1952 година: Грција и Турција;
      o 1955 година: Германија;
      o 1982 година: Шпанија;
      o 1999 година: Чешка, Унгарија и Полска;
      o 2004 година: Бугарија, Естонија, Латвија, Литванија, Романија, Словачка и Словенија;
      o 2009 година: Албанија и Хрватска;
      o 2017 година: Црна Гора;
      o 2020 година: Северна Македонија.
  • Моментален број на земји – членки: 30
  • Вкупно население во НАТО земјите: ~ 940 милиони луѓе (12,34% од светската популација)
  • Вкупна површина на НАТО земји: 24,52 милиони километри квадратни (16,32% од вкупната населива површина)
  • Вкупен бруто домашен производ на земјите – членки на НАТО (2018): над 36 трилиони долари.

Патот до НАТО

Брз Прирачник на клучните НАТО – акроними и изрази

Закон за ратификација на Северноатлантскиот договор

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail