Реновирани и комплетно опремени лаборатории во Воената Академија во кои е инсталирана нова модерна технологија со цел учење на далечина

Денеска во просториите на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“, министерката за одбрана Радмила Шекеринска заедно со одбранбеното аташе на Кралството Норвешка и претставници од „Џеферсон институтот“ извршија увид во новореновираните и комплетно опремени училници на Воената академија во кои е инсталирана современа образовна технологија наменета за проектот за напредно учење на далечина.

По посетата, министерката Шекеринска даде изјава за медиумите во кои истакна два клучни пораки и тоа дека како држава сме подготвени да бидеме членка на Алијансата и дека подготовките кои ги правиме во процесот за зачленување не се сведуваат само на воените вештини и физичка подготвеност туку и начинот на кој ќе се одговори на заканите на 21. век.

„Навистина ми е задоволство што Министерството за одбрана можеше да учествува во еден ваков многу корисен, важен, позитивен заеднички проект со Норвешка, со РАДЛИ проектот, со Институтот Џеферсон, каде што покажавме дека заедно навистина сме посилни и дека си помагаме да добиеме повисок и подобар квалитет. Ова што денеска овде го гледате личи на вистинска Воена Академија, Воена Академија на НАТО земја членка, каде нашите кадети ќе ги имаат истите можности и истите шанси кои што се нудат во некои многу постари институции од ваков карактер. Драго ми е што оваа инвестиција во квалитетот на учење и квалитетот на работа ја нудиме на нашите млади питомци затоа што тие ќе бидат оние кои ќе влезат во својата кариера како офицери на НАТО и за тоа треба подобро да се подготват“, рече Шекеринска.

Министерката Шекеринска додаде дека одбраната во 21 век бара софистицирана технологија и нов концепт на образованието.

„Заканите во 21 век се различни, па и нашата одбрана треба да биде различна. Таа одбрана подразбира многу сајбер елементи, таа одбрана значи пософистицирана технологија и тоа го менува целосно концептот на образование. Навистина ми е задоволство што Министерството за одбрана и Воената Академија покажуваат дека се во чекор со времето. Токму поради тоа имате можност да видите опрема и технологија со која сите следни генерации ќе се образоваат“.

Шекеринска рече дека обуките ќе бидат понудени и на други институции во државата, ќе се развива регионалната компонента на Воената Академија и најави амбициозна цел – Воената Академија да прерасне во регионална сајбер Академија што ќе ја покаже инвестицијата во таканаречената „паметна одбрана’.

Деканот на воената академија, полковник Орце Поповски истакна дека со имплементација на овој проект и современата технологија, се осовременува и забрзува процесот на дисиминација на знаењето и пристапот до светското знаење.

Одбранбеното аташе на Кралството Норвешка, Егил Далтвеит порача дека Норвешка продолжува да биде силен партнер на вооружените сили на Северна Македонија и поддржувач на евроатлантските интеграции на земјата.

- Донацијата која ја понудивме е дел од подготовката на вашите сили за 21 век. Станува збор за заеднички потфат во кој Воената Академија и Министерството работеа заедно и вложија речиси исто пари колку и ние. Кадетите кои денеска влегуваат во Академијата веќе ги имаат основните компјутерски вештини кои ние ги немавме како деца, а со алатките кои Воената Академија сега ги има, ќе можат да го искористат своето знаење за подобра одбрана на Северна Македонија и на Алијансата – рече Далтвеит.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail