Продолжува британската поддршка за трансформацијата на Армијата

Бригадниот генерал Џон Баурон од вооружените сили на Обединетото Кралство ќе го замени бригадниот генерал Хју Лојд Џонс како советник на Армијата во процесот на нејзината трансформација согласно стандардите на Алијансата. За таа цел, денеска во Министерството за одбрана, министерката Радмила Шекеринска и британската амбасадорка Рејчел Галовеј потпишаа Меморандум за соработка помеѓу Република Северна Македонија и Обединетото Кралство.

„Ова е вистински пример дека сојузништвото дава резултат. Благодарни сме на Обединетото Кралство што во континуитет ја поддржува нашата Армија во најзначајните развојни процеси, како што е нејзината трансформација“, рече министерката Шекеринска.

Амбасадорката Галовеј порача дека Обединетото Кралство е подготвено да ја продолжи и продлабочи веќе воспоставената соработка во одбраната која дава одлични резултати во трансформацијата на Армијата.

Генералот Баурон има долгогодишно искуство во британските вооружени сили, има служено во операциите и мисиите во Босна и во Ирак, а бил дел и од силите за развој на Палестинските безбедносни сили на Западниот Брег и во Ерусалим. Неговата последна позиција е во Одбранбената академија на Обединетото Кралство каде ја водел и трансформацијата на Академијата.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail