Примена кинеска донација од заштитна медицинска опрема за потребите на Армијата

Денеска во касарната во Ѓорче Петров беше примена заштитна медицинска опрема составена од 62.000 заштитни маски, 4.200 заштитни очила, 3.000 визири, 6.000 заштитни одела и комплети, ракавици, инфузиски пумпи, електрични термометри и 2 сета термални шлемови, донација од Народна Република Кина, во вкупна вредност од околу 250.000 евра.

На примопредавањето на донацијата, државниот секретар во Министерството, Драган Николиќ се заблагодари на НР Кина и кинескиот народ за, како што рече, овој хуманитарен гест.

„Само преку активностите на солидарноста, заедничките споделувања на искуствата, научените лекции можеме сите заеднички и во регионот и глобално, во светски размери, да ја победиме оваа пандемија“, порача Николиќ и потсети дека припадниците на Армијата за кои е наменета оваа донација уште од самиот почеток на пандемијата покажаа највисоко ниво подготвеност во справувањето со предизвиците предизвикани од корона – вирусот.

Амбасадорот на НР Кина во нашата земја, Џанг Ѕуо, истакна дека станува збор за искрена поддршка од кинескиот народ во борбата против вирусот и дека донацијата практично ја покажува соработката помеѓу двете армии. Кинескиот амбасадор изрази надеж дека со заедничка борба можеме колку што е можно поскоро да го победиме вирусот.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail