Шекеринска: Честитки за изгласувањето на Законот за одбрана, поставивме механизми за користење на придобивките од НАТО

„Со Законот за одбрана ние практично ги утврдивме сите наши внатрешни механизми за практикување на членството во НАТО. Законот за одбрана е закон со кој што најпосле ќе преминеме од индивидуална одбрана каде што само ние се грижиме за нашата стабилност и безбедност, во принципот и систем на колективна одбрана кој е најголемата видлива придобивка од членството во НАТО“, рече денеска министерката за одбрана Радмила Шекеринска на прес- конференција посветена на донесувањето на Законот за одбрана.

„ Го работевме Законот можеби цела година, го направивме така да навистина не може да му се најде маана и го направивме така зошто знаевме дека е двотретински, дека треба да биде добро направен за да опстои, за да ни даде одговор на сите предизвици во следниот период. Сакам да им честитам на вработените во Министерството за одбрана што одлично го сработија и вчерашните 80 гласа и ниту еден глас против се голем комплимент и за нивната работа“, подвлече министерката Шекеринска.

Министерката посочи дека како членка на НАТО, членот 5 познат како „Еден за сите, Сите за еден“, кој е член кој ги обврзува членките на Алијансата да се штитат едни со други во системот на колективната одбрана, сега се однесува и на нашата земја. „Чадорот кој штити над 1 милијарда луѓе низ цел свет е чадор кој сега и нас ќе нè штити. Тој е членот кој ги обврзува членките на Алијансата да се штитат едни со други и го гарантира духот на солидарност и колективна одбрана на Алијансата“, рече Шекеринска. НАТО, додаде таа, е ексклузивен клуб на најмоќните, највлијателните, најбогатите – Соединетите Американски Држави, Велика Британија, Франција, Германија, Турција, Италија, Полска…

„Успех е да се биде меѓу триесетте во овој клуб. Победа е да се биде 30. членка на оваа Алијанса“, рече министерката, и се заблагодари на сите 80 пратеници кои го поддржаа Законот и покажаа дека не само со фотографирање и со присуство на церемонии, туку и секој ден со секоја одлука се залагаат за членство во НАТО и во Европската Унија.

„Денеска пред седиштето на НАТО се прави простор и се подигнува јарболот кој што го чека нашето знаме. Прашање е на денови кога нашето знаме ќе се развиори и ќе стои рамноправно заедно со останатите 29 знамиња на членките на Алијансата. Тоа е причина за заедничка гордост, исто како што е и фактот дека зборот и пред граѓаните, и пред сојузниците е одржан и е реалност“, додаде министерката.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail