Шекеринска: Членството во НАТО е печатот на првиот мандат и влезница за ЕУ во вториот

„Членството во НАТО беше печат на нашиот прв, и мојот прв мандат, меѓутоа тој е печат и на влезницата во Европската Унија во вториот. Сега мора да покажеме дека не го држиме столчето во НАТО само формално, туку седиме на тоа столче затоа што другите сојузници во Алијансата можат да сметаат на нас, исто како што ние можеме да сметаме на нивната помош и на нивната солидарност. Ако сме сериозни, ако сме одговорни, ако ни држи зборот, истиот имиџ ќе го имаме и во ЕУ, ќе ни веруваат повеќе и ќе ни даваат подобри шанси“, рече министерката за одбрана Радмила Шекеринска на првата прес – конференција во вториот мандат посветена на идните планови за развој во одбраната, изразувајќи убеденост дека токму нашата влезница во НАТО следниве години ќе ни ги отвора вратите и на Европската Унија.

Министерката Шекеринска наведе 7 приоритети во новиот мандат – стабилно финансирање на Армијата, отворање на Центар за поддршка на домашните компании за пристап до НАТО пазарот, модернизација, инвестиции во полигонот Криволак, реконструкција на касарните, максимална транспарентност и отвореност во работата и нов концепт на цивилно – воена соработка.

„Благодарение на зголемениот буџет, примањата и на војниците и на подофицерите и на офицерите се зголемија во некој дел дури и над 50%, добија нова опрема и добија мотив да бидат успешни војници во служба на својата татковина“, рече министерката. Пример за зголемениот интерес за Армијата, рече, е фактот дека на завршениот конкурс за прием на професионални војници за 70 места се пријавија повеќе од 700 кандидати, а на тековниот оглас за прием на 200 војници, до овој момент пријавени се над 1.000 лица.

Токму стабилното финансирање овозможува и продолжување на реформите во Министерството  и модернизација на Армијата.

„Минатата година го потпишавме првиот договор со Владата на САД, за набавка на лесни клопни борбени возила, два типа – Oshkosh JLTV  и Stryker кои целосно ќе го сменат ликот на нашата Армија, особено на пешадискиот дел кој што е и наша НАТО сила“, рече министерката и додаде дека за оваа набавка на оклопни возила од американско производство за прв пат е користен принципот на договор Влада со Влада, што ја враќа довербата во системот, и ги отстранува можностите за комерцијални или коруптивни влијанија кои биле видливи и кај нас во минатото, меѓутоа дури и во други земји.

Како што посочи министерката, во период од четири до шест години ќе бидат набавени вкупно 151 возило, а пристигнувањето на првите возила наменети за Лесната пешадиска баталјонска група се планира за крајот на 2021 или почетокот на 2022 година.

Ќе биде набавена целосно нова опрема за лична заштита на сите припадници на Лесната пешадиска баталјонска група, а продолжуваат и проектите за сајбер и против – воздушна одбрана, информираше министерката.

Како новина, Шекеринска информираше дека во Министерството ќе се воспостави Центар за поддршка на домашните компании при настап на НАТО пазарот, со цел обезбедување на продуктивна комуникација помеѓу нашите компании, нашите стопански комори, но и релевантните НАТО агенции.

„Големината на овој пазар е околу 4 милијарди долари на годишно ниво и навистина ќе биде голем успех ако нашите компании почнат да настапуваат и да го освојуваат овој пазар. За тоа ќе се погрижи тим од експерти кои што многу внимателно ќе ги избереме и ќе им ги дадеме шансите да бидат поддршка на нашата економија“, рече министерката.

Шекеринска најави воведување на новина со која преку измени на системот за јавни набавки ќе се овозможи директно управување со финансиски средства во износ од околу 500 евра од страна на командите и на касарните. На тој начин се зголемува ефикасноста и се подобруваат условите за работа, но и се зголемува одговорноста и очекувањата од првите луѓе во рамките на структурата на Армијата.

Продолжуваме со инвестиции и во модернизација на полигонот „Криволак“, кој е сериозен домашен, но веќе полека станува и сериозен НАТО ресурс и ќе придонесе и за зајакнување на локалната и домашната економија.

„Работиме на подобрување на инфраструктурата на полигонот и во неговата внатрешност и долж периметарот на полигонот, како и отворање на нови приоди кон полигонот од север, со кои што можеме да го направиме користењето на полигонот и поедноставно и поефикасно и помал товар за еден дел од локаното население“, рече министерката и додаде дека сите зафати се вршат од страна на инженериската единица на Армијата, користејќи ги ново-набавените машини, што целосниот процес го направија поевтин, побрз и поефикасен.

Министерката најави дека токму на овој полигон следната година ќе се одржи „Одлучен Удар“ 21 која што ќе биде организирана на „Криволак“ во мај и јуни 2021 година каде што очекуваме да земат учество над 2.000 војници на армиите на САД, Бугарија, Грција и Армијата на Република Северна Македонија.

Продолжува подобрувањето на условите за нашите војници преку реконструкција на објектите во касарните.

„За само неколку месеци руинираниот објект во касарната во Куманово го претворивме во нов, убав објект каде што е сместена Бригадата на Југоисточна Европа. Во моментов течат работи на целосно реновирање на два големи објекти во касарната ’Илинден’, планот е до крајот на годината целосно реновираните објекти да бидат ставени на располагање. Во следните два месеци ќе започне реновирање на трет објект во касарната ’Илинден’, а се надевам дека тоа ќе биде случај и со еден од објектите и на Воената академија. Ова е прв пат во текот на една година да течат проекти и да бидат завршени 5 големи армиски објекти. При реновирањето ја следиме владината политика и цел до 2024 да нема ниту една владина институција која што ќе се грее на мазут или на масло и со тоа дополнително да ја загадува животната средина“, рече министерката и најави дека овој тренд на вложување во подобри услови на работа ќе продолжи.

Транспарентноста останува во листата приоритети за министерството.

„Особено ми е драго што успеавме најзатворената институција – министерството з аодбрана, да ја претвориме во институција која може  знае д аработи по начелата на активна транспарентност. Министерството за одбрана е прворангирано според Индексот на активна транспарентност. Јавноста, отвореноста и транспарентноста станаа наш код. Остануваме максимално отворени кон медиумите и граѓаните “  рече министерката и најави дека следната година Северна Македонија ќе биде домаѓин на  најголемата НАТО конференција за комуникатори.  500 експерти за комуникации од сите земји членки на НАТО ќе пристигнат во Скопје, а  таа можност ќе ја искористиме да го промовираме и нашиот капацитет, Регионалниот центар за односи со јавноста, кој во соработка со Центарот во Рига сакаме полека да го трансформираме во регионален центар за борба против дезинформации и лажни вести кој што ќе го покрива јужното крило на НАТО.

Министерката најави дека до крајот на годината ќе изработиме нов концепт за воено – цивилна соработка во кој ќе покажеме дека развојот на одбраната подразбира и градење систем на отпорност  кон ризици и создавање домашни, но и сојузнички капацитети.

„На Армијата сметаа и граѓаните и невладините организации и локалната самоуправа. Бевме во изминатите години присутни и во некои од тетовските села за справување со еден тип на катастрофа, бевме присутни во Преспа, бевме присутни во различни општини со различни поводи“, истакна министерката. Граѓаните сметаат на Армијата, додаде, бидејќи таа во најтешкото им помогна, бидејќи Армијата е тука за своите граѓани.

„Ми беше чест што бев дел од тимот кој што успеа државата да ја внесе во НАТО, меѓутоа голем дел од тешката работа, нè чека токму во овој втор мандат. И затоа со истата сила, со истата енергија, со фокус на подобрување на сè она што го имаме дома, убедена сум дека ќе покажеме дека членството во НАТО било повеќе од заслужено и ќе придонесеме нашата држава да биде побезбедна, нашата Армија да биде подобра“, заклучи министерката Шекеринска на прес – конференцијата.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail