Премиерот Заев на Состанокот на лидерите на НАТО: Ставаме печат на нашето место меѓу сојузниците кои се обединети за слобода, мир и демократија

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, заедно со делегација составена од заменичката на Претседателот на Владата и министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, заменик претседателот во Владата за европски прашања, Бујар Османи и министерот за надворешни работи, Никола Димитров денеска учествуваше на Состанокот на лидерите на НАТО во Лондон, по повод 70 годишнината на Алијансата и во своето обраќање, како 30-ти говорник, истакна дека настанот ја потврдува заедничката посветеност на сојузниците за обезбедување мир, стабилност и просперитет во целата евро-атлантска област, што беше поздравено со аплауз од лидерите на алијансата.

Премиерот Заев на состанокот на кој претседава Генералниот Секретар на НАТО, Јенс Столтенберг и премиерот на Обединетото Кралство, Борис Џонсон, во присуство на останатите лидери, шефови на држави и/или на влади на земјите членки на алијансата истакна дека стратешката цел на Северна Македонија за членство во НАТО на многу генерации од нашата земја станува реалност.

Заев изрази задоволство и благодарност за брзата динамика на ратификување на Протоколот за пристапување на Северна Македонија во НАТО како цврст доказ за тоа колку е добредојденa земјата во трансатлантското семејство.

Претседателот на Владата Заев потенцираше дека Северна Македонија е спремна да ја преземе обврската како полноправна членка да го дава нашиот придонес за одговори за менување на мултидимензионалните безбедносни предизвици што стојат пред НАТО.

Во таа насока, истакна премиерот Заев на состанокот на лидерите на НАТО во Лондон, Северна Македонија презема трансформативни реформски процеси за стабилна и одржлива проекција за финансирање во одбраната и за правично споделување на обврските со зголемување на буџетот за одбраната на земјата од 0,2% од БДП годишно со цел да достигнеме 2% од БДП до 2024 година. Важен дел од ова издвојување, околу 23%, се посветени на модернизацијата на армијата.

Премиерот Заев потсети дека армијата на Северна Македонија активно учествува во мисиите на НАТО уште од 2002 година во Авганистан, и ќе продолжи да го дава својот придонес како сигурен партнер на НАТО во борбата против тероризмот.

Во завршницата на своето обраќање тој нагласи дека членството на Северна Македонија во НАТО е стабилизирачки фактор за регионот и поттик за останатите земји од Западен Балкан што изразија определба да станат членки на алијансата, и го изрази очекувањето дека на церемонијата за подигнување на знамето на Северна Македонија пред седиштето на НАТО, симболично ќе се запечати нашето место меѓу сојузниците кои се обединети за слобода, мир и демократија.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail