Шекеринска во Центарот за обука на пилоти: Нудиме врвна настава за летање, ги повикувам младите да се пријават на отворениот Конкурс

Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска денеска од Центарот за обука на пилоти ги повика сите млади граѓани на нашата земја со завршено високо образование и стекнати 180 кредити да се пријават на отворениот Конкурс за прием на кандидати и по завршувањето на обуката да станат пилоти во Армијата на Република Северна Македонија.

Центарот за обука на пилоти, рече министерката, е еден од најсовремените капацитети во регионот за изведување на настава и обука на воени пилоти. Додаде дека со измените на Законот кои ќе бидат испратени во Собранието, се предвидува кандидатите да добиваат финансиски надоместок и за време на обуката.

„Со измените на законот го регулираме делот на финансискиот надоместок и на тој начин ќе имаме поголеми шанси да добиеме поквалитетни кадри, а од нив да добиеме шанса и за одлични пилоти“, рече министерката.

Полковникот Валентин Ивановски, раководител на воено-воздухопловниот авторитет во Министерството и проект – менаџер на Центарот истакна дека овој Центар со својата опрема и методите кои ги применува, овозможува завршените кандидати веднаш да се вклучат во воздухопловната бригада и да ги прифатат стандардите на НАТО.

Ангел Владимиров и Љубомир Панев, денес капетани во Армијата, а претходно кадети во Центарот за обука на пилоти порачаа дека овој центар овозможува обука на светско ниво, дека е потребно многу труд и енергија, но и дека чувството „секојдневно да се има различен поглед од канцеларијата“ е неописливо. Ги повикаа младите да не ја пропуштаат оваа шанса и да се пријават на отворениот Конкурс.

Досега во Центарот се обучени вкупно 24 пилоти, од кои 13 за потребите на Армијата, 9 за Министерството за внатрешни работи и 2 за потребите на црногорското воздухопловство. Капацитетот на Центарот е препознаен на глобално ниво – досега најмодерните симулатори на хеликоптерите Ми-24 и Ми – 8/17 ги користеа пилоти од Босна и Херцеговина, Хрватска и Бугарија, а на комерцијална основа и пилоти од Полска, Нигерија и Камерун.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail