Потпишани договорите за стручно оспособување и усовршување со 26 граѓани, во текот на обуката ќе земаат месечен надоместок во висина од просечна нето плата

Дваесет и шест млади дипломирани граѓани денеска во Воената академија потпишаа договори за Стручно оспособување и усовршување, со што по шест месеци ќе се стекнат со офицерски чинови и ќе добијат постојано вработување во Армијата на Република Северна Македонија. Со одлука на Влада, наместо 3.500 како досега, месечниот надоместок за време на обуката ќе биде во висина на месечна просечна плата, односно околу 25.000 денари.

Министерката Шекеринска им честиташе на 26-мината граѓани, идни офицери и м порача дека Армијата има потреба од вакви експерти.

„Драго ми е што денеска им посакавме добредојде на 26 млади луѓе, во нашата Армија. Тоа се млади кои што завршиле цивилни факултети – електро инженери, машински инженери, хемичари, нутриционисти, сообраќајни, градежни инженери и лекари и кои што сега ќе почнат да ја градат својата кариера во Армијата“, рече министерката.

Шекеринска рече дека во периодот на обука платата на лицата на стручно оспособување и усовршување ќе биде околу 25.000 денари, а потоа со стекнувањето на чинот поручник, сметано со двете зголемувања на платите на припадниците на Армијата, минатата година и септември годинава, таа ќе изнесува над 30.000 денари.

Министерката посочи дека истата одредба важи и за кандидатите за пилоти, каде исто така е зголемен бројот на пријавени кандидати.

„Ги обучувате, очекувате да бидат квалитетни, многу стручни, многу подготвени, а од друга страна голем период ги оставате без сериозна надокнада. Ова го променивме со одлука на Влада и на ваков начин Армијата ќе може да регрутира и да обезбеди експерти кои и се неопходни во сите служби – логистичка, интендантска, сообраќајна, правна, финансиска служба. На тој начин им ги зголемивме и шансите на младите во нашата држава“, истакна министерката.

26-те млади граѓани на нашата татковина беа избрани по објавениот Конкурс од страна на Министерството за одбрана февруари годинава, а по стекнувањето со офицерски чин, ќе бидат распоредени во техничката, интендантската, сообраќајната, санитетската, логистичката и правната служба на Армијата.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail