Пендаровски во прва посета на Министерството и Генералштабот како Претседател и Врховен командант – изрази целосна поддршка за Армијата, истакна дека е горд на членството во Алијансата

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска и началникот на Генералштабот, генералот Васко Ѓурчиновски денеска се сретнаа со претседателот Стево Пендаровски кој беше во својата прва посета на двете институции како Претседател и Врховен командант на Армијата.

„Армијата на нашата држава ја ужива најголемата доверба кај граѓаните и таа навистина заслужува врховен командант како вас – со интегритет, со чесности и со јасна визија за тоа каде треба да оди државата“, рече министерката Шекеринска.

Министерката посочи дека денеска, кога и Владата одбележува две-годишнина од почетокот на мандатот можеме да бидеме горди на постигнатото, на превземените решителни чекори со кои се отвори вратата кон нашата тридецениска цел – членството во Алијансата, истакнувајќи дека токму претседателот Пендаровски беше витален дел од исполнување на овој национален и државен стремеж.

Шекеринска изрази убедување дека државата доби врховен командант кој ќе биде предводник и лидер во процесите за развој на Армијата, особено бидејќи претседателот е човек кој верува и ги практикува вредностите на Алијансата – демократијата, слободата, еднаквоста, владеењето на правото, но и отчетноста, транспарентноста и доброто владеење.

Зборувајќи за периодот пред две години, министерката потсети на состојбата на Армијата, нејзината маргинализација, проблемите и предизвиците со основните армиски потреби. Но, посочи и на решителните чекори за надминување на оваа состојба.

„Преземавме обврска за раст на буџетот за одбраната и таа ја исполнивме – пари кои директно се наменети не само на нашата стратешка цел – членство во НАТО , туку се директно наменети за нашата Армија и за нашата одбрана. Набавката на основна опрема веќе започна и не претставува основен проблем. Ги зголемивме платите од минатата година, а од септември пристигнува и второто зголемување на платите на сите во Министерството и Армијата. Модернизираме армиски објекти и покажавме дека дури и во оваа област може да се биде високо транспарентен – според извештаите на невладините организации, Министерството за одбрана, а со тоа и Генералштабот и Армијата е во самиот врв за транспарентноста, отчетноста и интегритетот“, рече министерката.

Во контекст на процесот за ратификација на пристапниот протокол, министерката истакна дека тој тече со забрзано темпо, дека 14 сојузнички парламенти веќе го ратификуваа протоколот и дека се очекува Сенатот на САД да го стори истото до оваа есен. Тоа потврдува, истакна министерката, дека сојузниците се посветени на овој процес и дека може да се очекува истиот да заврши до Самитот на Алиајнсата во декември во Лондон.

„70 години НАТО со Северна Македонија како 30. земја – членка, за нас тоа е дефиниција за 100-процентен успех“, истакна министерката.

Претседателот Пендаровски оваа посета на Министерството и Генералштабот ја гледа како суштинска – Претседателот има уставни и законски ингеренции во одбраната, но и како симболична, имајќи предвид дека Министерството и Армијата најдиректно ќе станат дел од НАТО.

„Со министерката за одбрана и НГШ на средбите разговаравме за клучните чекори кои следат за да бидеме целосно подготвени за нашето членство во НАТО. Како претседател тесно ќе соработувам со двете институции – секогаш ќе сакам да го слушнам мислењето на МО и на Генералштабот за проблемите и предизвиците со кои се соочуваат и ќе се вклучам во изнаоѓањето на најдобрите решенија што заедно ќе не водат напред“, рече претседателот и додаде дека „Република Северна Македонија направи историски чекори кои ја донесоа поканата за членство во НАТО. Со тоа се остварува едно од нашите врвни стратешки цели. Како држава треба да се подготвени за оваа голема чести и голема одговорност во исто време.“

Претседателот истакна дека вложувањето во Армијата подразбира и вложување во професионалните стандарди, како и во животниот стандард на војникот што мора да биде наш приоритет.

„Ме радува фактот што во последната година буџетот на ресорот одбрана почна да расте и јас ја охрабрувам Владата да продолжи со овој тренд со уште посилно темпо. Како одговорна НАТО членка ние ќе мораме да дојдеме до стандардот на издвојување на 2% за одбраната до 2024 година. Во Армијата мора да се вложува. Преку спроведување на темелни реформи во безбедносниот сектор да продолжиме да градиме професионална и технички современа НАТО армија“, рече претседателот.

Во Министерството, претседателот Пендаровски ги посети и НАТО – Канцеларијата за врски и Канцеларијата за одбранбена соработка на САД.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail