Започна официјалната посета на делегацијата на НАТО предводена од Генералниот секретар Столтенберг и на Северноатлантскиот Совет на алијансата

Со церемонија со највисоки државни почести, денеска пред Владата на Република Северна Македонија, Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев му посака добредојде во официјална посета на нашата земја на Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, кој пристигна со амбасадорите на земјите членки на алијансата од Северноатлантскиот Совет.

Премиерот Заев и Генералниот секретар Столтенберг, заедно со високите претставници на секретаријатот на НАТО и со членовите на Владата на РСМ Радмила Шекеринска Јанковска, Заменик претседател на Владата на Република Северна Македонија и Министер за одбрана, Бујар Османи, Заменик претседател на Владата на Република Северна Македонија задолжен за европски интеграции, Никола Димитров, Министер за надворешни работи, како и советниците за соработка со НАТО, за безбедност и за надворешни работи во Кабинетот на Претседателот на Владата, одржаа билатерална средба.

На средбата беше заеднички заклучено дека одржувањето на состанокот на Северноатлантскиот Совет во главниот град на Северна Македонија е огромно признание и охрабрување на земјата за нејзиниот пат во евро-атлантските интеграции кој треба да заврши наскоро со полноправно членство и со отворени перспективи за општествено-економскиот развој на земјата.

Веднаш по активностите во Владата на РСМ, премиерот Заев и Генералниот секретар Столтенберг, заедно со двете делегации, заминаа на работниот дел на Северноатлантскиот Совет со Комитетот за интеграција на Република Северна Македонија во НАТО и претставници на Влада на РСМ, што ќе се за прв пат во историјата на процесот за членство на нашата земја во НАТО, се одржува во Северна Македонија.

Со заедничката седница на Северноатлантскиот Совет и на Комитетот за интеграција на Република Северна Македонија во НАТО ќе претседаваат Претседателот на Владата г. Заев и ген. сек г. Столтенберг, по што ќе следува и нивната заедничка прес конференција.

Во текот на денот, Генералниот секретар на НАТО Столтенберг и амбасадорите на Северноатлантскиот совет ќе бидат примени и од Претседателот на Република Северна Македонија Стево Пендаровски.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail