Државниот секретар во црногорското министерство за одбрана, Филиповиќ во дводневна посета на Северна Македонија

Државниот секретар во црногорското министерство за одбрана, Слободан Филиповиќ, на покана на државниот секретар во Министерството за одбрана, Драган Николиќ, престојува во дводневна официјална посета на нашата земја.

Двете делегации имаа билатерална средба на која беше изразена благодарност за континуираната поддршка која пријателска Црна Гора и ја дава на нашата земја, како и за брзата ратификацијата на Протоколот за нашето членство во НАТО. Дополнително се разговараше за досегашната успешна билатерална и регионална соработка и за можностите за нејзино континуирано унапредување.

Во рамките на посетата, на Воената академија се одржа и панел-дискусија на тема „Популаризација на воената професија“ на која црногорскиот државен секретар ги сподели искуствата и активностите кои Министерството за одбрана и Војската на Црна Гора ги превземаат со цел популаризација на воената професија особено кај младата популација. Државниот секретар Николиќ и други претставници од Министерството и Армијата ги презентираа активностите кои се превземаат со цел привлекување на квалитетен и мотивиран персонал за потребите на нашата Армија.

Црногорската делегација го посети и Центарот за обука на пилоти каде што имаше прилика да се запознае со капацитетите и програмите за обука на пилоти кои се реализираат во Центарот. Во изминатиот период двајца припадници на Војската на Црна Гора ја завршија обуката за пилоти на хеликоптери и сега се дел од Воздухопловството на Војската на Црна Гора.

Утре, делегацијата од Црна Гора ќе присуствува на централната церемонија на полагање на свечена обврска на новите и промоција на завршените питомци која ќе се одржи во касарната „Гоце Делчев“. На церемонијата ќе присуствуваат и три потпоручнички од Војската на Црна Гора кои ова година го завршија школувањето на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ во Скопје.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail