Традицијата продолжува – министерката Шекеринска на планинска тура под мотото „Ние сме НАТО“ во чест на 8. Септември, Денот на независноста

Денеска на падините на Бистра, министерката за одбрана, Радмила Шекеринска ја предводеше традиционалната планинската тура во чест на најголемиот празник за Република Северна Македонија – 8. Септември, Денот на независноста. Искачувањето на планината Бистра годинава е под мотото „Ние сме НАТО“, особено имајќи предвид дека Денот на независноста за прв пат го чествуваме како полноправна членка на НАТО – Алијансата, еден од двете стратешки цели од осамостојувањето на нашата земја.

„Сакавме и оваа година на овој симболички начин да покажеме дека нашите стратешки цели се како искачување на еден од планинските врвови. Ви треба план, ви треба организација, ви треба сила, ви треба издржливост, меѓутоа сатисфакцијата е навистина голема. Минатата година го правевме тоа во очи на нашата амбиција да станеме членка на НАТО. Оваа година искачувањето го правиме за прв пат како членка на НАТО, тоа не беше лесно, беше уште потешко зашто амбициите ни станаа уште поголеми“, рече министерката Шекеринска.

Министерката посочи дека успеавме да ја реализираме оваа наша 30- годишна цел, но дека тука не запираме. „Сакаме да обезбедиме и подобра Армија, и поефикасна, подобро платена и подобро опремена Армија која постои за граѓаните, Армија која како дел од најмоќната воено – политичка Алијанса ќе може да ја гарантира безбедноста, а бидејќи ја гарантира безбедноста ќе може да го гарантира и развојот“, додаде Шекеринска.

Амбасадорката на САД, Кејт Брнс истакна дека годинава нашата држава го прославува Денот на независноста, за прв пат како членка на Алијансата, а САД и Република Северна Македонија остануваат заедно во една заедница. Соединетите Држави остануваат цврст партнер на Република Северна Македонија“, истакна Брнс.

Денот на независноста го честиташе и амбасадорката на Обединетото Кралство, Рејчел Геловеј, како и шефот на Канцеларијата за врски на НАТО, полковникот Зоран Јанковиќ.

Планинската тура се реализира во соработка со Асоцијацијата на интернационални водичи во планина и со Здружението за заштита и спасување на планина и непристапни терени  „Асклепиј“.

Во планинарската тура учествуваа и претставници на дипломатскиот кор, одбранбени аташеи, претставници на командата на Бригадата на Југоисточна Европа која од неодaмна е сместена во Куманово, претставници на НАТО – Канцеларијата за врски, на Канцеларијата за одбранбена соработка со САД, на Владата, на Балканските медицински наменски сили, вработени во Министерството и офицери и војници на Армијата на Република Северна Македонија.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail