Армијата и одбраната се подобри кога се подеднакво добредојдени и жените и мажите – Шекеринска на промоцијата на Националниот план за „Жени, мир и безбедност“

„Покажавме дека даваме шанси на многу жени и во одбраната, и мислам дека тоа даде резултати и во секторите кои не се доживуваат како средина со еднакви права на мажите и жените. Покажавме дека во три години во кои се обезбеди и членство во НАТО и подобри услови за Армијата не заборавивме и на темата која што мислиме дека е важна – а тоа е дека Армијата и одбраната ќе бидат подобри и посилни ако во нив се подеднакво добредојдени и мажите и жените“.

Тоа го истакна министерката за одбрана, Радмила Шекеринска која денеска во Центарот за обука на пилоти во Петровец говореше на промоцијата на вториот Национален акциски план за имплементација на Резолуцијата на Советот за безбедност на ОН 1325 за „Жени, мир и безбедност“ и одбележувањето на 20 години од објавата на Резолуцијата.

Министерката посочи дека станува збор за тема за која во овој период многу се зборува и во НАТО – Алијансата, каде имаме што и да приложиме како резултат, но дека целокупната работа е далеку од завршена.

„Сакам да честитам на многуте мажи и жени во Министерството и во Армијата кои што во изминативе две години се вложија сериозно и како резултат на нивните напори денеска имаме средина која што е многу поотворена кон жените, имаме жени на високи позиции кои што се многу побројни и имаме што како членка на НАТО да покажеме со сопствен пример и со сопствен резултат“, рече министерката.

На промоцијата се обрати и британскиот одбранбен аташе Енди Лејтон, како претставник на Обединетото Кралство кои го поддржаа овој процес, а преку видео – конференциска врска се приклучија и Катерина Ставреска, координаторка на Работната група за имплементација на родовата перспектива во Министерството, Габријела Ѓорѓевиќ, цивилен претставник на Министерството во седиштето на НАТО, потполковник Ирена Блажевска, која е дел од меѓународниот штаб на Балканските медицински наменски сили и потполковник Елизабета Наумовска, командантка на Воено-медицинскиот центар.

Министерството за одбрана направи значајни промени во последните три години – поставена е апликација за пријавување на вознемирување на работно место, назначени се родови советници кои се сега присутни практично во сите структури на Армијата, а се одржуваат и обуки против родово вознемирување.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail