Министерката Радмила Шекеринска во Куманово на завршната манифестација од успешната НАТО недела: Дојдоа политичките и економските потврди колку е важно членството во НАТО

Заменичката на претседателот на Владата и министерка за одбрана Радмила Шекеринска денеска беше во работна посета на Куманово. Во рамки на посетата министерката имаше средба со градоначалникот Максим Димитриевски и присуствуваше на завршната манифестација од успешната НАТО недела посветена на нашето членство и 70. годишнината од основањето на Алијансата.

Министерката притоа истакна дека во неделата на НАТО дојдоа и политичките и економските потврди колку членството во НАТО е важно за нашата држава не само на безбедносен план туку и на економски план.

„Неодамна беше потврдено дека после долги години понизок кредитен рејтинг успеавме како држава да го подобриме кредитниот рејтинг, што значи дека и државата и фирмите и граѓаните ќе можат да добиваат средства по поволни услови. Дополнително порастот на извоз, порастот на странските директни инвестиции и особено падот на невработеноста покажа дека кога државата прави вистински чекори на политички план, тоа веднаш носи и позитивни економски резултати“, рече министерката.

Она што ни треба, нагласи Шекеринска, е сега да продолжиме да го заокружиме процесот на процесот на ратификацијата и членството во НАТО, за што сме убедени дека ќе се случи и оваа година, да ги почнеме преговорите со ЕУ и да покажеме дека оваа држава научи од сопствените грешки и дека буквално во следниот период ќе обезбеди и побезбедна држава, меѓутоа и повеќе шанси за сите свои граѓани.

Насобраните граѓани од Куманово како и припадниците на Армијата имаа можност да видат дел од воената опрема и капацитетите со кои располага Армијата. Беа прикажани и некои од вештините кои ги учат војниците, сето тоа придружувано со настап на воениот оркестар и гардата.

НАТО неделата почна минатата седмица и траеше се до денеска. Во организација на Министерството за одбрана и партнерите се одржаа повеќе панел дискусии на кои присуствуваа истакнати гости од одбраната и одбранбената политика, имаше заеднички концерт на армиите на нашата земја, Велика Британија, САД, Грција и Словенија. Беше организирана и музејска изложба и за прв пат беа промовирани специјални поштенски марки посветени на НАТО. Неделата на НАТО беше збогатена и со повеќе отворени настани во Скопје и низ државата со цел граѓаните да се информираат одблизу за нашето членсто во НАТО и можностите што ни се нудат како идна 30.земја членка на Алијансата.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail