Армијата со граѓаните – отворен ден во градскиот парк во Скопје: специјалци, гардисти, воен оркестар, прелет на хеликоптер

Денеска во градскиот парк во Скопје, армиските гардисти, припадниците на специјалните единици, воениот оркестар, но и припадниците на Единицата за специјални задачи на МВР и воздухопловната бригада ги прикажаа своите вештини пред граѓаните на нашата земја.

Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, рече дека со денешната активност, но и со другите настани во рамки на одбележувањето на Неделата на НАТО, Министерството и Армијата ја испратија пораката дека нашата земја е подготвена да биде 30. членка на Алијансата.

„Зад нас беше тежок процес, беше потребно многу трпение, многу енергија, меѓутоа денеска и оваа година можеме да кажеме дека како држава успеавме. Со ваквите настани, со контакти со граѓаните покажуваме дека сето ова што сме го правеле, сме го правеле за граѓаните да бидат побезбедни и за да има повеќе шанси и за нив и за нашата земја“, истакна министерката. Шекеринска се заблагодари за големиот граѓански интерес за овие настани.

На отворениот ден настапија и децата од здружението „Трисомија 21“.

Денеска беа прогласени и трите најдобри есеи на тема „НАТО и ТИ“ – средношколките Валона Абдулаху, Петрина Станковска и Мима Војновска се наградени со студиско патување во седиштето на Алијансата во Брисел. Прогласени беа и тројцата прворангирани од трките на 5 и на 3 километри како дел од вчерашната НАТО – атлетска трка. Шестмината најдобри беа наградени со учество на меѓународниот маратон во Будимпешта.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail