Отворен ден на „Криволак“: Проследена тактичка вежба со боево и артилериско гаѓање

Денеска во рамките на вежбата „Одлучен удар“ на полигонот Криволак, се реализираше тактичка вежба со боево гаѓање и артилериско боево гаѓање.

Шефот на Бирото на националната гарда на САД, генералот Џозеф Ленгиел кој денеска ги посети учесниците на вежбата, истакна дека е импресиониран и дека оваа вежба ќе ги зголеми можностите за развој на колективната подготвеност и интероперабилноста. За нашата земја рече дека е постојан партнер на Соединетите Американски Држави, и дека како земја која е посветена на заедничката безбедност ќе биде и силен сојузник во НАТО.

Генералот Ленгиел, во однос на полигонот „Криволак“ посочи дека станува збор за одличен капацитет кој дава огромни можности за извежбување, од аспект на теренот, неговата големина и можностите за боево гаѓање.

Потполковникот Игор Манасовски, директор на вежбата истакна дека оваа вежба и сите активности се резултат на процес што бил планиран година и половина заедно со партнерите на нашата Армија од националните гарди на Пенсилванија и Колорадо од САД и со вооружените сили на Бугарија, Албанија, Литванија и Црна Гора.

„Вежбата во основа треба да обезбеди зголемување на нивото на интероперативност и интеракција на сите учесници и на крајот да овозможи опспособеност на сите елементи за да можат да функционираат заеднички во некоја идна заедничка операција со нашите парнери“, рече потполковникот Манасовски.

Тој информираше дека дел од вежбата се над 2.700 војници, со повеќе од 400 моторни возила, како и воздухоплови од нашата Армија и од САД.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail