Шекеринска во касарната “Илинден”: 2020 беше година кога го остваривме најголемиот успех во одбраната

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска денес присуствуваше на отворањето на заедничкото Стрелиште на Армијата и МВР во касарната “Илинден”.

Обраќајќи им се на присутните Шекеринска истакна дека со ставањето во функција на Стрелиштето, безбедносните сили добиваат уште еден капацитет со кој се зголемуваат можностите за развивање на вештините на својот персонал.

“Овој заеднички проект со МВР освен што ја афирмира соработката меѓу двете водечки институции од безбедноста, значи и заштеда на ресурси и пари, но она што е важно за нас како членка на НАТО е дека ова стрелиште ќе додаде дополнителна вредност во нашата лична карта во НАТО бидејќи ќе биде и наш државен капацитет кој ќе се користи во вежбите кои ќе ги спроведуваме заедно со членките на НАТО или со некои од партнерите. Особено ми е драго што во услови на прогласена кризна состојба каде што главниот товар падна на товар на здравствените власти, но и на полицијата и на Армијата во нејзина поддршка, покажуваме дека знаеме како треба да соработуваат институции кои што се задолжени за најважните работи во државата”, рече министерката.

Осврнувајќи се на изминатата 2020 година Шекеринска рече дека иако светот ќе ја памети според пандемијата, за нас таа не беше изгубена година. “Од утре влегуваме во последната седмица од 2020 година, година што сакаме да ја заборавиме. Сепак, во најтешката година како држава го обезбедивме најголемиот државен успех. И во оваа 2020 која светот ќе ја памети како потрошена поради корона кризата, за нас ќе биде и година во која што после 30 години маратон успеавме да станеме 30-та членка на најмоќната воено-политичка алијанса”, подвлече Шекеринска.

Министерката изрази надеж дека 2021 ќе биде година на многу нови добри почетоци, година во која Армијата и полицијата ќе соработуваат повеќе на проекти, а помалку на справување со кризни состојби.

На отворањето на Стрелиштето присуствуваа и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, началникот на Генералштабот на Армијата Васко Ѓурчиновски и други истакнати личности од врвот на двете институции.

Стрелиштетото ќе биде наменето за вежби во ноќно и дневно гаѓање и урбана борба, и освен полициските специјалци ќе го користат и трите елитни баталјони на Армијата – специјалните сили, извидница и воено разузнување и воената полиција.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail