Отворено седиштето на Балканските медицински наменски сили во Скопје

Денеска во касарната „Илинден“ во Скопје свечено беше отворено постојаното седиште на Балканските медицински наменски сили, регионална организација чии земји – членки се Република Македонија, Србија, Албанија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Словенија, а поддржувачи Норвешка и САД.

 „Овој круцијален регионален проект, има за цел да изгради регионални медицински капацитети кои ќе бидат способни да дадат брз одговор на широк спектар на кризни ситуации, како што се природните непогоди“, рече министерот за одбрана Зоран Јолевски на отворањето на кое присуствуваа и министрите за одбрана на Босна и Херцеговина, Словенија и Србија, Марина Пендеш, Андреја Катич и Зоран Ѓорѓевиќ. Министерот Јолевски додаде дека станува збор за проект во духот на концептот „паметна одбрана“ на НАТО – Алијансата, кој ќе создаде мала, мобилна, брза организација која секаде и секогаш ќе биде таму каде им е потребна на граѓаните.

 Министрите за одбрана се согласија дека станува збор за исклучително корисен проект бидејќи сите земји од регионот се соочуваат со природни непогоди, особено со поплави од големи размери, како пред неколку години во Србија и Босна и Херцеговина, и неодамна во Македонија.

 Министерот за одбрана на Србија, Ѓорѓевиќ, посочи дека сличните предизвици со кои се соочуваат земјите од регионот побаруваат и заеднички одговор.

За министерката за одбрана на Босна и Херцеговина Марина Пендеш организацијата на Балканските наменски медицински сили на шест министерства за одбрана е основа за тоа како треба да се работи во иднина. „Сметам дека со овие медицински сили ќе покажеме како без оглед на одредени разлики во нашите концепти, можеме заеднички да делуваме“, рече Пендеш.

Овој проект е воен, истакна министерката за одбрана на Словенија, Андреја Катиќ, но добро е што е наменет за цивилите и за сите оние кои им е потребна помош при евентуални природни катастрофи и несреќи.

 Амбасадорот на Норвешка Арне Санес Бјорнстад, пак, посочи дека формирањето на Балканските медицински наменски сили е пресвртница и битен настан за иднината. Овие сили, оцени, ќе ги зголемат капацитетите во регионот, но и националните капацитети за заеднички операции во рамки на ЕУ и на ОН и надвор од регионот. Полковник Кевин Хил, претставник од Пентагон, САД упатувајќи честитки до 6-те земји членки на Балканските медицински наменски сили, истакна дека оваа единица не е обична воена единица, туку е уникатна мултинационална единица според НАТО стандардите и е конкретен пример за регионална соработка.

 Србија е државата која прва ја превзеде командата на вкупно 86 припадници на Балканските медицински наменски сили. Командата на Балканските медицински сили е на ротирачка основа, на секои две години.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail