Турција продолжува да ја поддржува Северна Македонија и во НАТО – министерот за национална одбрана, Акар во официјална посета на нашата земја

Северна Македонија и Турција се две исклучително пријателски земји, кои имаат долга и успешна соработка во областа на одбраната, земји кои соработуваа како партнери, а од скоро ќе соработуваат и како сојузници во НАТО – Алијансата. Тоа го потврдија министерката за одбрана Радмила Шекеринска и министерот за национална одбрана на Турција, Хуљуси Акар кој денеска престојува во официјална посета на нашата држава.

„Голем дел од НАТО патот кој што го изодевме е заради тоа што Турција ни отвори врата. Со Турција нè врзува цврсто пријателство и соработка на сите полиња кои што траат во изминатите децении, а не години. Овие врски се особено силни во секторот одбрана“, истакна министерката. Додаде дека досега девет земји го ратификуваа пристапниот протокол и изрази очекување дека тоа ќе го направи и земјата која даде огромна поддршка во овој процес – Турција.

Шекеринска информираше дека на петти февруари годинава, во сила влезе претходно потпишаниот и ратификуван договор за воена-финансиска соработка кој што е многу важен земајќи предвид дека нашата држава го започнува процесот на модернизација на својата армија.

Министерката посочи дека Армијата на Република Северна Македонија соработува со турските вооружени сили во мисијата на НАТО во Авганистан. Нашите војници се дел од Командата за обука, советување и асистенција (КОСА) Главен град, под команда на Турција, каде заменикот на главниот командант е од редовите на нашата Армија.

„Преку нашата соработка во Авганистан и најмногу доаѓа до израз меѓусебното разбирање и доверба, но и интероперабилноста. Колкаво е нивото на доверба помеѓу нашите две армии и довербата која што ни ја укажува пријателска Турција покажува фактот што втората позиција во командата во Авганистан, веднаш по главниот командант од турската Армија, ни е доверена нам – на воен старешина од редовите на нашата Армија“, истакна министерката.

Шекеринска се заблагодари и за школувањето и обучувањето на припадниците на Армијата во воените школи во Турција, за што информираше дека досега таквата можност ја искористиле над 1.200 припадници на Армијата.

Турскиот министер за национална одбрана, Хуљуси Акар истакна дека Северна Македонија за нив е многу важна земја со која имаат одлични односи и дека и турскиот народ во нашата земја, и македонскиот народ во Турција даваат придонес за овие добри односи.

Акар рече дека Турција на нашата држава, во делот на одбраната и дава поддршка од 1992 година. Подвлече дека сите припадници кои ги имаат завршено своите обуки во Турција, како и сите припадници на нашата Армија кои заедно работат со припадниците на турскиот контингент во Авганистан, се многу успешни во својата работа.

Турскиот министер за национална одбрана посетата на Северна Македонија ја продолжи со средби со премиерот, претседателот и претседателот на Собранието.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail