Министерката Шекеринска: Одбраната и Армијата се вклучуваат во акцијата за борба против загадувањето

Министерството за одбрана и припадниците на Армијата, денеска во Градскиот парк во Скопје, со засадување на првите 150 од вкупно 320 садници во државата се вклучија во акцијата за борба против аерозагадувањето и заштитата на животната средина.

„Денеска се вклучуваме во борбата против загадувањето кое е една од најголемите грижи на граѓаните, особено на граѓаните на Скопје. Акцијата е дел од политиката на Владата, која што уште минатата година ги обврза сите министерства да предвидат во рамките на своите програми акции со кои што ќе придонесат кон заштита на животната средина“, рече министерката Шекеринска која активно се вклучи во денешната акција. Таа додаде дека денеска се раззеленува еден појас важен за жителите на Скопје, појас каде сите спортуваат и го гледаат како белите дробови на главниот град.

Министерката информираше дека акцијата која е поврзана и со политиката за зголемување на воено-цивилната соработка, како важна политика и за НАТО – Алијансата, во следните денови ќе продолжи и во Тетово и во Кичево, градови каде загадувањето е големо, но и каде армијата има свои касарни и капацитети за поддршка на оваа акција. Додаде дека целта е да се реализираат повеќе акции од овој тип во текот на целата година.

Заменикот-министер за животна средина, Јани Макрадули и градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов се заблагодарија на Армијата и на Министерството за активното вклучување во заштитата на животната средина. Шилегов истакна дека за година и половина во градот Скопје се засадени 18.000 садници и дека оваа акција продолжува и во иднина.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail