Интегритетот е единствената политика која гарантира безбедност – Шекеринска ја отвори обуката за градење интегритет за највисокото раководство на МО и АРМ

DSC_1566„Градењето на интегритет е политика која нема алтернатива, политика која ќе нè направи помоќни како држава. Интегритетот создава доверба и силни системи, кои и во моменти на криза даваат резултати. Треба да создадеме систем на принципи кој нема да зависи од тоа кој е министер, и ќе биде имун на секој обид на злоупотреба на службената должност - рече министерката за одбрана Радмила Шекеринска на денешното отворање на обуката за градење интегритет за највисокото раководство на МО и АРМ.

Обуката за градење на интегритет е организирана од Министерството за одбрана, во соработка со Обединетото Кралство, а предавачи се експерти за градење интегритет од Академијата за одбрана на Обединетото Кралство. На обуката учествува раководството на Министерството за одбрана и на АРМ.

Министерката Шекеринска рече дека прашањето на транспарентноста е поврзано со прашањето на интегритетот и дека борбата против корупцијата бара систем кој што ќе создава препреки за било каква злоупотреба на службената должност.

DSC_1563

„Задоволна сум  што успеавме за релативно кусо време да го создадеме и оној дел од веб-страницата на Министерството кој што се вика „Јавноста има право да знае“, зашто навистина е така – јавноста има право да знае што правиме со стратешките цели во државата, јавноста има право да знае што правиме со парите кои што граѓаните ги одделуваат и ги плаќаат во буџетот на Македонија. Транспарентноста не е секогаш лесна, секогаш доаѓа со одредена цена, но на долг рок секогаш позитивно се враќа“, истакна Шекеринска.

Министерката заклучи дека иако транспарентноста не секогаш ќе биде дочекана со аплауз, и дека ќе изгледа дека таа го направила денот посложен, мора да се знае дека нашата задача не е спринт на сто метри, туку маратон, а во тој маратон транспарентнoста е подобрата политика.

Заменик-амбасадорот на Обединетото Кралство во Република Македонија, Пол Едвардс, истакна дека процесот на градење интегритет бара култура на работење во која секому ќе му биде јасно дека секоја одлука која се носи на дневна база, треба да биде за доброто на сите граѓани, а не на малкумина од раководството. Додаде дека интегритетот бара чесност и соочување со корупцијата, а зборувањето на вистината пред претпоставените  е еден од елементите на градењето на култура на интегритет. Едвардс се заблагодари за можноста за одржување на овој важен курс за раководството во Министерството и истакна дека Обединетото Кралство ќе продолжи да ја поддржува Македонија во реализацијата на овие клучни реформи во областа на одбраната.

Обуката за градење интегритет трае до петок, а ќе бидат опфатени предавања и вежби на повеќе теми како однесување на службениците, лидерски предизвици и воено-политички ризици, менаџмент со финансии, ризици од корупција во делот на логистиката и набавките, ризици од корупција во менаџирањето на човечките ресурси, медиуми и стратегиска комуникација, предизвици од промените и слично.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail