По 16 години нови инженерски машини за поефикасна Армија и за побезбедни граѓани

За прв пат по 16 години, Инженерискиот баталјон на нашата Армија доби нови и најсовремени машини, со што значително ќе се зголеми оперативната способност на Армијата да биде во помош на граѓаните, секаде и секогаш кога е потребно.

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска, денеска изврши увид во новите инженериски машини кои пристигнаа во Инженерискиот баталјон.

„Кога се случуваа различни природни катастрофи, Армијата беше присутна на терен со луѓе, но требаше да биде присутна и со конкретна опрема. Кога го почнував мандатот како министер за одбрана првата информација која што ја добив е дека целата инженериска единица е оставена практично без ниту едно возило, без ниту една функционална машина. Благодарејќи на многу труд од страна на Генералштабот, од страна на Министерството, успеавме за релативно кусо време прво да ги обезбедиме парите, потоа да завршиме набавка и денеска да видиме дека сите тие ветувања не биле ветувања на збор, туку дека тие покажуваат резултати“, рече министерката Шекеринска и додаде дека со набавката на десетте различни типови машини, Инженерците во целост ќе бидат опремени.

Министерката посочи дека со зголемувањето на средствата за одбраната, таа се помрдна од мртвата точка – платите се зголемени, надоместоците се зголемени, заштитата е зголемена, во делот на модернизацијата, резултатите се видливи.

„Армија без опрема, армија без модернизација не може да ги даде посакуваните резултати. Ние покажуваме дека го заслуживме членство во НАТО и дека тоа членство во НАТО го врзуваме со подобри услови за работа, помотивирани припадници меѓутоа и со опрема која наликува на овој век и на Алијансата“, истакна министерката во Инженерискиот баталјон.

Командантот на Инженерискиот баталјон, потполковникот Арбен Јакупи, посочи дека со овие машини значително се влијае на подготвеноста на единицата при целосна поддршка на граѓаните, како и при учеството во меѓународните вежби.

Јакупи рече дека со набавката на новите машини, баталјонот ќе биде уште поактивен и ќе покаже уште подобри резултати.

Пристигнати се првите пет од вкупно петнаесет машини за потребите на Армијата. Вкупната набавка е во вредност од 138 милиони денари, а останатите машини треба да пристигнат во почетокот на следната година.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail