Нова АБХО опрема за Армијата

Работиме со полна пареа и капацитетите на Армијата за заштита од специфични закани по безбедноста на државата се развиваат континуирано, рече денеска министерката за одбрана Радмила Шекеринска, која во касарната „Ѓорче Петров“ изврши увид во туку што пристигнатата нова опрема за атомска, биолошка и хемиска одбрана.

Шекеринска посочи дека оваа опрема е исклучително важна како дел од потребите на одбраната, опрема која е донација како дел од програмата Три-три-три на Европската команда на вооружените сили на Соединетите Американски Држави за зајакнување на нашите одбранбени капацитети. Додаде дека ова е првата фаза од донацијата планирана за оваа година, додека целосната донација ќе биде комплетирана во текот на 2020 година.

Опремата се состои од заштитни маски и одела, цедила за маски, заштита за нозете, заштитни чизми, боци за воздух за заштитните маски, мегафони за заштитните маски и компресори за воздух, а во рамките на донацијата од почетокот на идната година вклучена е и обука за сите припадници кои ќе ја користат опремата.

Министерката Шекеринска рече дека Армијата и државата се подготвени за полноправно членство во Алијансата, до кое нè делат само уште три ратификации, од кои две се очекуваат да завршат овој месец, и ратификацијата во Шпанија, која зависи од шпанскиот парламент имајќи предвид дека во таа земја е во тек предизборен период.

„Како Армија, како Министерство за одбрана и како држава покажавме дека сме партнери и идна членка на која Алијансата може да смета. Ги следиме препораките за зголемување на издвојувањето за одбрана, ги менуваме Законите за одбрана и за служба во Армијата кои што се во собраниска процедура, ги зголемивме не само платите, туку и шансите за напредување и за тренинг на припадниците на Армијата и ги решаваме проблемите со кои се соочувале години наназад“, рече министерката. Потсети дека минатата недела ги посети просториите на нашата држава во седиштето на НАТО во Брисел, простории кои што ќе и припаѓаат на државата, за кои што ќе имаме целосна одговорност и изрази очекување подготовките да привршат во почетокот на следната година.

Шекеринска информираше дека се прават исклучителни напори за војничката професија да биде уште поатрактивна за младите граѓани, со нова опрема, со голем број можности за обука и со зголемена финансиска инјекција кон Армијата.

„Позитивен беше знакот што минатата година успеавме да примиме речиси 400 нови млади војници, оваа година се надевам до крајот на годината бројката дополнително ќе се зголеми за 250. Вчера можевте да видите дека целосно го решивме прашањето на 97 професионални војници кои оваа година наполниле 45 години и за сите обезбедивме добри и добро платени места“, истакна министерката и дополни дека тој процес е направен со ист пристап кон сите, без дискриминација, без проблеми и без политика.

Во НАТО, заклучи министерката, ќе влеземе како земја – членка која е горда на своето достигнување и на својот успех и додаде дека сите граѓани се нестрпливи да го видат нашето знаме пред седиштето на НАТО. „Тоа ќе биде и наш влог во идните генерации, кои што очекуваат да им обезбедиме сигурна иднина и да им обезбедиме шанса за повеќе просперитет“, рече Шекеринска.

Министерката изрази благодарност до претставниците на САД за донацијата и порача дека партнерството помеѓу Северна Македонија и САД е вистинско, долготрајно и една од причините зошто државата ќе биде дел од Алијансата.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail