Шекеринска: Ниту еден професионален војник со навршени 45 години нема да биде оставен на цедило – и служевте на Армијата доследно, државата ви служи вам!

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска заедно со државниот секретар Драган Николиќ и претставници од Секторот за човечки ресурси во МО и од Ј-1 во Генералштабот денеска во Домот на Армијата имаа средба со припадниците на Армијата кои оваа година го исполнуваат условот 45 години старост со кој завршува нивната служба во Армијата.

Министерката Шекеринска најнапред упати благодарност до сите професионални војници за нивната досегашна посветеност и залагање во служба на Армијата и рече дека – како што минатата 2019 година заврши со задоволство за сите припадници кои преминаа на работа во Управата за извршување санкции, така и оваа година службите во Министерството за одбрана и Генералштабот предводени од државниот секретар Драган Николиќ ќе најдат најдобри можни решенија за идната работна кариера.

-          Како што во 2019 година ниту еден професионален војник не беше оставен на цедило, така ќе биде и оваа година. Вие и служевте на Армијата чесно и доследно, сега Армијата и државата ќе ви служат вам – рече министерката Шекеринска.

Државниот секретар Драган Николиќ истакна дека изминатиот период Министерството за одбрана заедно со Генералштабот и со претставниците на синдикатите во одбраната посветија посебно внимание на ова суштинско и сензибилно прашање.

-          Министерството и Генералштабот презедоа конкретни мерки во однос на новата формација на Армијата. Со новите измени се овозможува на одредени специфични позиции, професионалните војници кои навршиле 45 години,  да останат да работат на истите позиции во Армијата како цивилни лица – рече Николиќ.

Министерството за одбрана и Владата прават сериозен исчекор за достојно продолжување на кариерата на професионалните војници со навршени 45 години, со особено внимание  условите  на новото работно место да бидат соодветни. Ниту еден војник нема да остане незадоволен – рече Николиќ, што беше поздравено од присутните на состанокот.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail