Државниот секретар Драган Николиќ во посета на РАКВИАК – Центарот за безбедносна соработка

Државниот секретар Драган Николиќ, престојува во работна посета на РАКВИАК – Центарот за безбедносна соработка.

Во својство на претседавач со највисокото управувачко тело на оваа меѓународна организација – Мултинационалната советодавна група, Николиќ имаше средби со директорот на РАКВИАК, генерал-мајор Јероним Базо, со заменикот директор, генерал-мајор Славен Здилар, како и со клучниот персонал. На средбите детално беа разгледани активностите од програмата на РАКВИАК за секој од трите пилари поединечно, ситуацијата со персоналот, финансиската состојба и распределбата на буџетските средства. Исто така, беше разговарано и за мисијата, задачите и целите на РАКВИАК, начинот на функционирањето и донесувањето на одлуки, искажаните потреби на земјите членки, ангажманот на предавачи и експерти, како и интересот на учесниците.

Заеднички беше заклучено дека РАКВИАК како единствена меѓународна организација од овој тип е проект кој посветено работи за регионот. Овој Центар, поддржан од неговите партнери даде исклучителен придонес во подобрувањето на постојаната безбедносна соработка меѓу земјите од ЈИЕ и постигнувањето на долготраен мир и просперитет.

„Република Северна Македонија, со својата цврста посветеност кон регионалната соработка, во периодот во кој е претседавач со МАГ, ќе продолжи да ги поддржува напорите за понатамошно интензивирање на улогата на РАКВИАК во регионот. Наша обврска е сега, не само да го одржуваме постигнатото ниво, туку и да осигураме уште поинтензивна соработка во областа на безбедноста на земјите од ЈИЕ“ – истакна државниот секретар Николиќ.

За прв пат од формирањето на РАКВИАК, Република Северна Македонија го презеде претседателството со Мултинационалната советодавна група (МАГ) – највисокото управувачко тело на оваа меѓународна организација за периодот од октомври 2020 до октомври 2021 година, а претседавач на МАГ е Државниот Секретар, Николиќ.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail