Шекеринска: Ги правиме последните чекори кон НАТО, заедно со ратификацијата очекувам двотретинско мнозинство за Законот за одбрана

Република Северна Македонија ги прави последните чекори пред членството во НАТО Алијансата – рече министерката за одбрана Радмила Шекеринска, која заедно со амбасадорката на Обединетото Кралство Рејчел Галовеј, се обрати на почетокот на НАТО работилницата чиј фокус е пренесување на искуствата и најдобрите практики за прилагодување на работните процеси на Постојаната мисија на Република Северна Македонија во НАТО и надлежните државни институции со обврските за претстојното полноправно членство.
„Навистина ми е задоволство што со поддршка на Обединетото Кралство ја организираме првата серија на подготовки, како системот домашен на државата ќе функционира во соработка со нашата Постојана мисија во НАТО и на кој начин ќе го извлечеме максимумот од нашето членство во намоќниот воено – политички сојуз на денешнината“, рече Шекеринска.
Таа додаде дека вестите кои пристигнуваат од Шпанија се позитивни и очекува овој процес да се заокружи во следните неколку недели вклучувајки ја и ратификацијата на Протоколот за членство во НАТО, во нашето Собрание закажана за 11 февруари.
Шекеринска порача: „Заедно со ратификацијата, очекуваме Собранието со двотретинско мнозинство да го поддржи и Законот за одбрана и затоа сакам да ја искористам оваа прилика и да порачам – оправдувања веќе не се прифатливи. Законот за одбрана е реализација на нашиот државен сон. Ако сме членка во НАТО мора да бидеме способни да ја искористиме привилегијата и моќта која ни ја дава НАТО. Да зборувате за НАТО членство, да се залагате за НАТО членство, а потоа да не го гласате Законот за одбрана е неприфатливо. Се надавам и очекувам дека секој пратеник во нашето Собрание, соочен со државната обврска да се поддржи овој успех на државата, ќе го направи вистинскиот чекор, ќе ја донесе вистинската одлука и заедно со ратификацијата на НАТО протоколот, ќе ја имаме и целосната законска регулатива која што го носи Законот за одбрана. “
Министерката потенцираше дека следните две недели се прават клучните чекори и за нашето членство во НАТО и во ЕУ.
„Законот за одбрана и Законот за јавно обвинителство се тест за секој пратеник и за секоја политичка партија. Дали само зборуваат за ЕУ и НАТО или се подготвени реално да ги поддржат вистинските реформи зад кои застанаа и ЕУ и НАТО “ рече Шекеринска.

Амбасадорката Галовеј во своето обраќање истакна дека во изминатава година и половина додека е амбасадор го видела оптимизмот, но и обемноста на задачите, во моментот кога не се знаеше колку партнери ќе успеат да го ратификуваат овој договор. „Брзината со која што сите тоа го направија ја покажува поддршката и интересот Северна Македонија да стане дел од сојузот“ рече Галовеј.
Таа додаде дека Обединетото Кралство е особено гордо на силните безбедносни и билатерални врски со Северна Македонија, кои се зајакнуваат во изминатите години и тоа ќе продолжи со поддршката на евроинтеграциските процеси на земјата.
„Северна Македонија веќе игра една улога во НАТО и со нетрпение очекуваме да ја преземе својата улога како полноправна членка на исто рамниште со сојузниците. Ние веќе тоа го видовме за време на Самиот на НАТО во декември кога знамето на Северна Македонија гордо се вееше со знамињата на сите други членки“ – рече Галовеј.

На почетокот на денешната работилница се обрати и државниот секретар во Министерството за надворешни работи, Зоран Попов кој рече дека Обединетото Кралство е еден од нашите најблиски сојузници во процесот на евро – атлантската интеграција, и упати благодарност за соработката во процесот на имплементација на обврските кои што произлегуваат од нашето полноправно членство во НАТО.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail