НАТО канцеларијата за врски ја заврши својата работа со успех

706700c4-12f5-4102-ae6f-65d3b0dac694Канцеларијата за врски на НАТО во Скопје ја заврши својата мисија со успех. Една година по полноправното членство на Република Северна Македонија во Алијансата, НАТО канцеларијата заминува од државата.

- Тимот на Канцеларијата на НАТО ни помагаше да ги подредиме приоритетите во реформите кои НАТО ги очекува нас. НАТО канцеларијата ни стоеше на располагање со своите совети речиси две децении, но мислам дека во последните три години ги искористивме најмногу. Бидејќи сакавме навистина да слушнеме што зборуваат и да сработиме – изјави министерката за одбрана Радмила Шекеринска и му врачи плакета на шефот на Канцеларијата на НАТО, Зоран Јанкович.

- Полковник Јанкович, вие со вашиот тим ја имате таа привилагија: можете да погледнете назад кон претходните 20 години и да кажете дека мисијата сте ја завршиле со целосен успех. Сте пристигнале во држава со сериозна внатрешна криза и конфликти, а сега заминувате од држава членка на НАТО – изјави министерката за одбрана Радмила Шекеринска.

Шефот на канцеларијата за врски на НАТО Јанкович рече дека е убеден во способноста Северна Македонија самостојно да продолжи со интеграцијата и трансформацијата на одбранбениот сектор, а со тоа задачата на НАТО канцеларијата во Скопје е успешно завршена.

- Тимот на канцеларијата за врски на НАТО направи се што можеше да им помогне на националните авторитети на патот кон НАТО. Но најголемата заслуга за финалниот резултат – членството во НАТО – е ваша! Без јасна визија, цел и посветена работа на институциите во Северна Македонија, особено на Министерството за одбрана, Министерството за надворешни работи, Генералштабот и Армијата, тој резултат немаше да биде постигнат. Се надевам дека ние дадовме мал но значаен придонес на овој успех – изјави Јанкович.

На патот на Северна Македонија кон НАТО, две децении, тимовите на НАТО канцеларија даваа исклучителна поддршка на македонските институции за остварување на стратешката цел.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail