Шекеринска во Прилеп: Армијата ќе му помогне на Прилеп, но и прилепчани да ги почитуваат мерките

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска денес беше на средби во касарната Мирче Ацев во Прилеп како и во локалниот кризен штаб.

Обраќајќи им се на војниците и старешините министерката упати благодарност за нивниот ангажман.

“Нашите граѓани имаат потреба од вас, институциите имаат потреба од вас, татковината има потреба од вас”, им рече Шекеринска на војниците и старешините од касарната.

Пред состанокот на кризниот штаб во Прилеп на кој присуствуваа и членови на армискиот Генералштаб како и вицепремиерот Бујар Османи и министерот за транспорт и врски Горан Сугаревски, Шекеринска изрази сочувство за жртвите од коронавирусот во овој град.
“Тоа ни ја испраќа пораката дека мора континуирано да ги почитуваме пораките и да бидем побрзи и поефикасни во спроведување на истите. Денеска, сме во Прилеп да ја изразиме нашата поддршка и нашата солидарност, но и да покажеме дека како држава во услови на криза, може да се реагира брзо и ефикасно”, рече министерката.

Вчера, истакна Шекеринска, градоначалникот на Прилеп упати повик за поголем ангажман на нашата Армија, токму во Прилеп како една од општините каде се забележува зголемување на бројот на заразени. Армијата, рече таа, ќе му помогне на Прилеп но и прилепчани треба да ги почитуваат мерките.

“Денеска е веќе забележително дека Армијата почна да функционира на еден нов начин. Уште од петокот, касарните започнаа да даваат поддршка на општините, кои бараат таква поддршка. Денеска, може да се види дека и во Прилеп и во Куманово, Армијата презеде активности со кои ја поддржува општината, но пред се’ влијае на одржување и обезбедување на сите мерки за безбедност од страна на граѓаните во секојдневниот живот”, подвлече Шекеринска.

Министерката рече дека иако мерките го усложниле секојдневното живеење, тие мора да се почитуваат затоа што се за колективно добро. “Задачата на Армијата и на припадниците, денеска во Прилеп не е за да се создаде страв, туку почитта која ја уживаат кај граѓаните да помогне при создавањето на ред. Сакам да и’ честитам на општината, која е можеби прва во државата која ги обележа местата пред маркетите и банките, при што им препорачува на граѓаните каде да стојат и да ја почитуваат дистанцата”, рече Шекеринска.

Општината, рече таа, го прави своето, Армијата дава поддршка, секој од нас одлучува дали овие препораки ќе спасуваат животи, или нема да се почитуваат.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail