Министерката Шекеринска од Кампот за обука на вода во Охрид: Три години по ред расте и буџетот и платите во Армијата

Членството во НАТО и зголемените буџети секоја година ни даваат шанса многу повеќе да инвестираме во сите единици и во различни специфични делови од нашата Армија. Покажавме три години по ред дека одбранбените буџети можат да растат, а тоа значи дека можеме да обезбедиме и подобри услови, подобри методи за работа, рече министерката за одбрана Радмила Шекеринска при посетата на припадниците на Армијата во Кампот за обука на вода во Охрид.

Шекеринска порача дека изминатите неколку години, главниот фокус беше ставен на секојдневните работи кои живот значат – на платите и условите.

„Платите во Армијата практично секоја година бележат покачување. Прво 10 проценти, потоа 5 проценти, потоа покачување за цивилните лица дополнителни 10 проценти и оваа година и станарината. Ако во 2017 година еден професионален војник носел дома 20.000 денари, денеска со покачувањата и со станарината носи дома повеќе од 31.000 денари. Тоа е 60 проценти покачување“, рече министерката. Шекеринска додаде дека платите на цивилните лица во Армијата со зголемувањето на платата и со додатокот за станарина се зголемени за околу 70 проценти.

Со зголемувањето на буџетите и зголемувањето на приходите, расте и интересот да се биде дел од Армијата. Министерката информираше дека на последниот Конкурс за професионални војници за 70 места, пријавени беа над 700 кандидати, што овозможува да се изберат најдобрите и најквалитетните.

Во Кампот за обука на вода, министерката се осврна и на набавката на основна опрема за припадниците на Армијата, униформа и чизми, за што, рече, целта е да се реализираат редовни набавки и обновување на оваа основна опрема. Дополни дека во моментов се реконструираат три објекти, и дека вакви реконструкции ќе продолжат имајќи предвид дека Армијата поседува објекти кои се стари и 50 до 60 години.

Шекеринска на припадниците на Армијата им се заблагодари за учеството во активностите поврзани со вонредната состојба и им порача дека како НАТО војници и офицери од нив се очекува многу, но и со право ќе добијат повеќе и подобро.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail