Шекеринска на првиот академиски час на Факултетот за безбедност: Поглавјето со приемот во НАТО заврши со успех, сега отвараме ново за повеќе шанси за младите генерации

„Нашата земја се изјасни дека сака да стане членка на НАТО во време кога најголем дел од овде присутните, сите вие студенти не бевте уште ни родени. Тој сон траеше предолго. Тој долг маратон моравме да го придвижиме до крај затоа што и државата и граѓаните, а особено младите, очекуваа и беа изморени од тие изневерени очекувања. Оваа влада и овој тим одлучи дека мора да се промени статус квото и дека треба да направиме квантен скок напред. И навистина тоа се случи, нашата земја стана членка на НАТО“, рече министерката за одбрана Радмила Шекеринска во обраќањето пред новозапишаните студенти на Факултетот за безбедност на денешното свечено почнување на новата академиска година и свечено одбележување на првиот академиски час.

Шекеринска истакна дека членството во НАТО е едно поглавје кое го крунисавме со успех, но сега отвораме ново. „Знамињата на ЕУ и на НАТО до македонското знаме не покажуваат само зборови, покажуваат дека навистина сме спремни да ја менуваме државата на подобро за да ги заслужиме и за да ги обезбедиме НАТО безбедноста и европскиот просперитет за сите нас“, рече министерката.

Говорејќи за улогата на безбедноста во новото време и можностите што се нудат во новите наставни програми за нејзино изучување, министерката Шекеринска подвлече дека е безбедност, како што рече, и дали ќе може државата да се справи со епидемија како што имаме сега. „Безбедност е и дали ќе може државата успешно да се прилагоди на климатските промени, дали ќе овозможи достапна и квалитетна храна, дали ќе ги заштити своите компјутерски системи, дали ќе нè заштити од постојаните упади и во нашата приватност и во нашите права“, рече министерката.

Пред студентите на Факултетот за безбедност се обратија и деканот Никола Дујовски, проректорот на универзитетот „Климент Охридски“ Марјан Ѓуровски и државниот секретар на МВР, Магдалена Несторовска.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail