За три години обезбедивме и прием во НАТО и поголема застапеност на жените во одбраната – Шекеринска на виртуелна маса на Глобален самит на жени

Министерката Шекеринска попладнево учествуваше на виртуелна тркалезна министерска маса организирана од Глобалниот самит на жени посветена на положбата на жените, нивните лидерски специфики и проекти за нивна социјална и економска еднаквост со мажите.

Во својот настап министерката Шекеринска ја истакна посветеноста за зголемување на застапеноста на жените во одбраната и Армијата и постигнатиот висок резултат.

“На чело на одбраната дојдов пред три години со јасна цел час поскоро да станеме членка на НАТО. И успеавме. Но, тоа не не спречи истовремено високо на агендата да ги ставиме родовите прашања во Министерството и во Армијата. И на оваа тема успеавме – ги сменивме сфаќањата дека Армијата е терен само на мажите”, подвлече министерката.

Шекеринска додаде дека присуството на повеќе жени во Армијата и во одбраната е порака дека се сменети работите и дека жените имаат што да придонесат во безбедноста.

“Процентот на жени во Армијата е во постојан пораст, за трипати го зголемивме бројот на жени полковнички, и се гордееме што бројот на жени на раководни места во одбраната го зголемивме од 32 на 58 проценти, а на кадетките во Воената академија од 23 на 48 проценти”, истакна Шекеринска.

Конференцијата ја отвори претседателката на Глобалниот самит за жени Ирена Нативидад, а на виртуелната маса учествуваат високи владини претставнички од повеќе од 20 земји и од Обединетите Нации, и истакнати застапнички за женски права.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail