Рикер и Џонсон до Шекеринска: храбрите чекори на Северна Македонија заслужија да бидат наградени веднаш

Денеска во Братислава министерката за одбрана Радмила Шекеринска се сретна со помошникот државен секретар на САД, Филип Рикер и сенаторот Рон Џонсон.

Американскиот помошник државен секретар, Рикер, добар познавач на Балканот и поранешен амбасадор на САД во нашата земја, ја потенцираше поддршката на САД на европската перспектива на нашата земја.

„Северна Македонија со своите решителни чекори и храбри решенија заслужи членство во НАТО и јасна европска перспектива“, рече Рикер и најави дека САД се активни во разговорите со европските сојузници околу потребата за позитивна реакција и од ЕУ на покажаниот успех. Рикер изрази надеж дека летово Северна Македонија ќе добие позитивен одговор од Европскиот совет, односно отворање на преговорите со ЕУ.

Сенаторот Џонсон ја поздрави и поддршката на граѓаните за храбрите чекори на Владата и најави дека очекува брзо и ефикасно заокружување на процесот за ратификација на протоколот за членство на Република Северна Македонија во американскиот сенат. Севкупниот процес на ратификација, рече тој, е на брза трака и очекуваме да се заврши успешно до крајот на годината.

Министерката Шекеринска се заблагодари за поддршката од САД како стратешки партнер на државата.

„НАТО навистина го одржа зборот. Имаме брз и ефикасен процес, ратификациите се одвиваат одлично. Се надевам дека Европската Унија ќе го следи овој пример и ќе ги почне преговорите. Членството во НАТО и почетокот на преговори со ЕУ беа главните мотиви за решенијата на проблемите кои стоеја на патот кон овие стратешки цели“, истакна минситерката.

Средбите со помошникот државен секретар Риклер и сенаторот Џонсон се одржаа на маргините на форумот ГЛОБСЕК во Словачка каде се дискутираше за иднината на ЕУ и НАТО.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail