Шекеринска на средбата со одбранбените аташеи во земјава: Ова е историска година, Северна Македонија наскоро 30. полноправна членка на Алијансата

„На почетокот на идната година го затвораме кругот кој го започнавме на 6 февруари годинава, кога го потпишавме пристапниот протокол за членство во Алијансата. Како и во 2019, и во 2020 остануваме посветени и фокусирани, нашите дела и одвојувањата за одбраната ќе продолжат да ги рефлектираат нашите зборови“, рече министерката за одбрана на денешниот традиционален годишен брифинг со одбранбените аташеи акредитирани во земјава.

Министерката истакна дека оваа година, точно во декември месец се одбележува 26-годишнината од собраниската одлука за приклучување на земјата во Алијансата, момент, кој, рече, е почетна точка за многу реформи и многу промени во одбранбениот сектор.

Шекеринска порача дека на 6 февруари оваа година беше направен следниот чекор во достигнувањето на стратешката цел – потпишувањето на пристапниот протокол за членство, и во тој контекст се заблагодари на претставниците на земјите – членки за брзите ратификации, особно од страна на соседите.

За годинава која изминува, министерката посочи дека беше интензивна година посветена на интерни подготовки и реформи – донесувањето на Долгорочниот план за развој на одбранбените способности кој го содржи и планот за модернизација, изработката на измените во Законот за одбрана и Законот за служба во Армијата.

Министерката пред аташеите се задржа и на одбранбениот буџет, кој во 2020 е поголем за 0,2 процентни поени во однос на буџетот за 2019 година.

„Три години по ред ги зголемуваме средствата за одбрана и инвестициониот дел во буџетот. Ако ги анализирате бројките на буџетот за 2020 година кој е во финална фаза на усвојување во Парламентот, ќе видите дека има зголемување од 0,2 процентни поени и дека е скоро двојно повисок во споредба со буџетот за 2017 година што е неверојатен успех. Ова го гледаме не само како инвестиција во нашето НАТО членство, туку инвестиција во нашата безбедност и нашата Армија“, рече министерката.

Шекеринска додаде дека иако одбраната се смета за деликатна област, транспарентноста и отчетноста се на највисоко ниво, што се гледа и преку рангирањето на Министерството во врвот на институциите со најголема активна транспарентност и транспарентноста во спроведувањето на јавните набавки.

Министерката на брифингот се задржа и на подготовките и опремувањето на Лесната пешадиска баталјонска група, на инвестициите во персоналот, во припадниците на Армијата, за кои, рече, се најголемиот капитал на Армијата.

Во однос на учеството во мировни мисии, министерката посочи дека нашите војници се дел од НАТО мисии и операции години наназад, рамо до рамо со сојузниците во Авганистан, со партнерите во Либан и Босна и Херцеговина. Тој придонес ќе продолжи, рече, и додаде дека ќе продолжи и поддршката на силите КФОР на Косово како земја – домаќин.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail