Во пресрет на состаноците на Северноатлантскиот совет, средба на Шекеринска со помошникот генерален секретар на НАТО, Патрик Тарнер

Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска денеска во Брисел, пред почетокот на состаноците на Северноатлантскиот совет на ниво министри за одбрана, се сретна со помошникот генерален секретар на Алијансата за одбранбена политика и планирање, Патрик Тарнер.

„Северна Македонија останува посветена на стратегиските цели, како членството во НАТО и затоа сме целосно насочени кон одбранбените реформи, и особено развојот на Лесната пешадиска баталјонска група“, рече министерката на состанокот. Додаде дека ратификацискиот процес тече со исклучителна брзина имајќи предвид дека парламентите на 25 сојузници, вклучувајќи ги и Велика Британија и САД, веќе го ратификуваа пристапниот протокол.

Шекеринска додаде дека определбата на земјата за раст на одбранбениот буџет за 0,2 проценти годишно, до бараните 2 проценти од бруто-домашниот производ до 2024 година се реализира и дека тоа е дел и од стратегиските документи на Министерството, како Долгорочниот план за развој на одбранбените способности.

Помошникот генерален секретар, Тарнер изрази задоволство што Северна Македонија наскоро ќе биде 30. земја – членка. Истакна дека земјата не е сама на патот на реформите, и дека НАТО ќе продолжи да ја дава сета своја поддршка во овие процеси. Тарнер информираше дека НАТО ги следи сите одбранбени реформи, вклучително и растот на одбранбениот буџет, особено имајќи предвид дека земјата влегува во фаза на дефинирање на новиот пакет на цели како идна полноправна земја – членка.

Денешните активности на министерката Шекеринска продолжуваат со учеството на првиот од серијата состаноци на Северноатлантскиот совет посветен на операциите и мисиите на Алијансата, како и со повеќе билатерални средби со министри за одбрана на земји – членки на Алијансата.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail