Шекеринска на панел – дискусија за медиумска писменост и дезинформации: Успеавме да станеме најтранспарентно Министерство, тоа е основа за борба против дезинформации

Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, денеска преку видео-конференциска врска, како клучен говорник учествуваше на конференцијата на тема „Медиумската писменост и борбата против дезинформациите во време на пандемија“, организирана од здружението „Зошто не“ и „SEECheck Network“, со поддршка на Европската Унија, а ја отвори високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на Европската Унија, Јосеп Борел.

„Борбата со дезинформациите прерасна во едно од клучните безбедносни прашања, не само во регионот, туку и на глобално ниво. Тоа е особено видливо денеска, кога во време на пандемијата, протокот на вистински, фактички точни информации се клучни во борбата за намалување на последиците од корона вирусот и спасувањето човечки животи“, рече министерката Шекеринска на панелот насловен „Брисел“, чиј дел беше и поранешниот министер за надворешни работи на Хрватска, европратеникот Тонино Пицула.

Министерката се осврна и на потребата од максимална активна транспарентност кај институциите, како начин за целосна достапност на точни информации за граѓаните, што, пак, го намалува штетното влијание кое може да го предизвикаат лажните вести.

„Министерството за одбрана направи големи напори да ја зголеми својата активна транспарентност, што подразбира проактивно објавување на информации, кои служат и како основа за проверка на фактите. Одбраната, која генерално се смета за позатворена област, во Северна Македонија е на првото место според транспарентноста, од сите институции на државно и локално ниво”, посочи министерката.

Во однос на начините за борбата против дезинформациите, како една од алатките за создавање на општество и граѓани отпорни на дезинформации, министерката ја издвои токму медиумската писменост, која треба да биде дел од едукативниот процес.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail