Министерството за одбрана ќе стипендира студенти со специјалности од значење за одбраната

„Од почетокот на 2021 година, како Министерство за одбрана ќе започнеме со стипендирање на млади коишто студираат и се образуваат за таканаречени критични специјалности – области кои се потребни на Армијата и на нашата одбрана, а ги немаме доволно“, изјави Министерката за одбрана Радмила Шекеринска на денешната заедничка средба со министерката за образование и наука Мила Царовска, со ученици добитници на награди на меѓународни олимпијади по информатика.

Во изјава за медиумите, министерката Шекеринска додаде дека “стипендијата ќе ги опфати сите години на студирање, со единствен услов кандидатите да преземат обврска по дипломирањето да се вработат во полза на одбраната и Армија, со што ќе може да се создаде подобар одбранбен систем, пофункционална Армија, а ќе има и што да понудиме на дел од НАТО командните структури“.

Стипендијата ќе биде наменета за прв циклус на академски студии. Висината на месечната стипендијата ќе се движи од 45 до 70 отсто од просечната месечна нето плата исплатена во државата во последните три месеци, во зависност од студиската година на студентот. Ќе се исплаќа 12 месеци во годината, а предвидени се и надоместоци и парични награди. Покрај надоместокот за школарина, односно партиципација, стипендистите ќе добиваат и надоместок за набавка на материјали за школување, надоместок за набавка на материјали за изработка на дипломска работа, парична награда за завршување на студиската година во редовните испитни рокови.

По завршувањето на студирањето, стипендистите ќе бидат примени на служба во Армијата, согласно со прописите од Законот за служба, без објавување јавен оглас, со склучување на договор за вработување.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail