Министерството за одбрана и Универзитетот ФОН потпишаа Меморандум за соработка

„Нашата цел е со потпишувањето на овој Меморандум посилни да бидат и Министерството за одбрана и Универзитетот ФОН, зашто го делиме истиот став дека силата на една држава, особено на малите армии и малите системи за одбрана се нејзините луѓе“, рече министерката за одбрана Радмила Шекеринска на денешното потпишување на Меморандумот за соработка помеѓу Министерството и ФОН, во просториите на Универзитетот.

Шекеринска истакна дека со влезот во Алијансата и нашата држава има што да понуди на сојузниците – човечкиот ресурс, и како и досега при учество во мисии и операции на Алијансата, но и отсега во рамките на функционирањето на системот на команди во НАТО. Министерката посочи дека главниот ресурс ќе бидат професионалци со воено образование, но и дека фокусот се насочува и кон лицата со цивилно образование кои со дополнителни воени обуки можат да бидат дел од припаднциите на Армијата, можност која се планира со измените во Законот за служба во Армијата.

Со членството во НАТО, рече министерката, нашата држава ќе треба да има потполно екипирана постојана мисија, но и да пополни околу 20 командни позиции во Алијансата, бројка која во иднина ќе се зголемува и затоа државата треба да продолжи да инвестира во луѓето и нивните капацитети и ресурси. Затоа, додаде, го цениме фактот дека како резултат на Меморандумот за соработка, по двајца вработени во Министерството, на годишно ниво, ќе се стекнат со право на последипломски студии без школарина.

„Овој меморандум за соработка го гледаме како континуитет – сличен потпишавме и со Факултетот за електротехника и информациски технологии при Скопскиот универзитет, и ќе продолжиме и понатаму. Во Законот за служба во Армијата обезбедивме за прв пат Армијата да си стипендира свои кадри за т.н. критични специјалности. Политиката на Владата и политиката во делот на одбраната е членството во НАТО да го гледаме како инструмент работите дома да ги организираме подобро, поефикасно и да создадеме систем кој навистина ќе се базира на компетентни луѓе кои што ќе бидат ценети според своето знаење“, рече министерката.

Директорот на Универзитетот ФОН, Сефер Цановски и ректорот Нано Ружин истакнаа дека знаењето и науката се исто така дел од безбедноста и дека овој Меморандум за соработка е можност за развој за сите млади луѓе, сите професионалци во областа на одбраната.

Меморандумот вклучува соработка на експертски и професионални тимови, изработка на магистерски и докторски трудови за проекти во областа на одбраната и заедничка работа на апликативни проекти. Овој Меморандум вклучува и стипендирање на студенти од страна на Министерството, стипендирање на вработени во Министерството на постдипломски студии од страна на Универзитетот, како и обезбедување на студентска пракса за студенти кои се од интерес за Министерството и за одбранбениот сектор.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail