Министерката Шекеринска во новите простории на мисијата на Северна Македонија во седиштето на НАТО: Членството во НАТО станува реалност, Северна Македонија е добредојдена во најмоќниот воено – политички сојуз

На Министерката за одбрана Радмила Шекеринска денеска во седиштето на Алијансата и беа презентирани просториите каде што ќе биде сместена мисијата на нашата држава, како полноправна членка.

„Денеска имав прилика да бидам првиот претставник на нашата Влада кој што влезе во просториите кои НАТО – Алијансата ги подготви за својата 30. членка. Тоа покажува дека сите наши подготовки течат според планот и тоа покажува дека сме добредојдени во најмоќниот воено – политички сојуз“, рече министерката во изјава по посетата.

Министерката додаде дека на средбите со министрите за одбрана на сите земји – членки на Алијансата во текот на дводневните состаноци можеше да се слушне истата порака – очекувањето Северна Македонија што поскоро да стане полноправен член на НАТО што е вистинскиот чекор во вистинско време.

На сесијата на Северноатлантскиот совет, министерката Шекеринска порача дека планот за одвојување на 2 проценти од бруто-домашниот производ за одбраната до 2024 година се реализира и дека во 2020 година следува уште едно зголемување на одбранбениот буџет.

„Република Северна Македонија е сериозен партнер кој што го испорачува тоа што ќе го најави и тоа што ќе го вети. Две години по ред го зголемувавме издвојувањето за одбраната и следната година, исто така, обезбедивме повисок буџет за нашата одбрана и за нашата Армија. На тој начин ќе имаме поголема безбедност, на тој начин ќе бидеме прифатени како земја чиј што збор навистина важи. Ние сме НАТО и навистина во следните месеци очекуваме остварување на овој стратешки сон и цел на неколку генерации“, посочи министерката.

На сесијата посветена на мисијата „Одлучна поддршка“, Шекеринска порача дека земјата останува посветена на демократизацијата, безбедноста и мирот во Авганистан и дека припадниците на Армијата ќе продолжат да придонесуваат во оваа мисија во која учествуваме од самиот почеток на првата НАТО – мисија, ИСАФ, во 2002 година.

На маргините на Северноатлантскиот совет, пак, продолжија билатералните средби со министрите од земјите – членки на Алијансата. Денеска, министерката се сретна и со италијанскиот министер за одбрана, Лоренцо Гуерини, како и со министерот за одбрана на Австрија, Томас Старлингер.

На средбата со својот италијански колега, министерката Шекеринска се заблагодари за постојаната поддршка во исполнувањето на двете стратешки цели – членството во НАТО и во Европската Унија. Додаде дека местото на Западниот Балкан е во Унијата и за тоа нема алтернатива. Министерот Гуерини истакна дека Италија жали за заклучоците на Советот на Унијата, што е причина и за италијанската иницијатива да се надмине оваа грешка и да започнат преговорите. „Република Северна Македонија од консумент стана извозник на безбедноста“, рече Гуерини на средбата.

Со австрискиот министер за одбрана, Старлингер, министерката разговараше за билатералната одбранбена соработка, како и за потребата од отворање на пристапните преговори со Унијата, процес кој доби силна поддршка од австриското претседателство со ЕУ во втората половина на минатата година.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail