Министерката Шекеринска од касарната во Кичево: Ја внесовме државата во НАТО, обезбедивме подобри услови и поголеми плати, ја подобривме родовата еднаквост

Изминатиот период инвестиравме во два фронта во Армијата – едниот беше членството во НАТО, вториот беше подобрувањето на условите за работа и живот во Армијата. Сите плати пораснаа повеќе од педесет проценти, обезбедивме нови униформи и чизми одеднаш, што не се случило ниту еднаш во историјата на нашата Армија. Обезбедивме прва модернизација со оклопни возила и со инженериски машини, а Министерството го направивме најтранспарентна институција во целата држава. Тоа го истакна министерката за одбрана Радмила Шекеринска при денешната посета на кичевската касарна „Чеде Филиповски – Даме“, каде беше брифирана за една тема, која, рече, е важна за неа и за Владата – еднаквите права помеѓу мажите и жените во Армијата.

„Нашата Армија е Армија на сите граѓани и граѓанки на државата и затоа и таа треба да ја земе предвид еднаквоста помеѓу мажите и жените. Задоволство ми е што во изминативе години сериозно го зголемивме бројот на жени – офицери. Три пати порасна бројот на полковници, односно полковнички во Армијата и го зголемивме и бројот на девојки кои што се запишуваат на Воената академија“, рече министерката.

Шекеринска порача дека тоа значи создавање на подмладок кој што ќе биде навистина НАТО подмладок и додаде дека како резултат на таа инвестиција, една наша питомка беше наградена како најдобар странски питомец на Воената академија во Австрија.

„Во жените вреди да се инвестира, во жените вреди да се инвестира и во Армијата. На денешната средба потврдивме дека како држава членка на НАТО имаме многу што да понудиме. За прв пат го правиме дополнителниот план за оваа родова перспектива и во Армијата, и во одбраната и ќе имаме со што да се пофалиме и пред нашите припаднички и пред нашите граѓани и граѓанки, но и пред НАТО“, заклучи министерката.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail