Министерката Шекеринска на првата годишнина од НАТО членство: Влезот во НАТО е најголемото достигнување на нашата држава

На денешното одбележување на првата годишнина од НАТО членството во касарната „Илинден“ присуствуваше целиот воено-политички врв на чело со претседателот Стево Пендаровски, премиерот Зоран Заев, министерката за одбрана Радмила Шекеринска, началникот на Генералштабот Васко Ѓурчиновски, министри во Владата а почесен гостин беше и адмиралот Роберт Бурк, команданто на Здружената команда на НАТО во Неапол.

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска во своето обраќање рече дека членството во НАТО беше наша битка и која ја добивме.

„Членството на Република Северна Македонија во најмоќниот воено-политички сојуз на светот е најголемото достигнување во нашата историја како независна држава. Денеска го видовте нашиот сојуз. Сојуз на небо и на земја. Сојуз на држави со исти вредности и иста цел: безбедност и мир во свет кој стана уште понепредвидлив: пандемија, тероризам, засилена геополитичка конфронтација, сајбер напади, па сé до лажни вести, климатски промени и елементарни непогоди. Сојуз во кој имаме што да понудиме”, истакна Шекеринска.

Обраќајќи им се на припадниците на Армијата, Шекеринска рече вложувањето во Армијата и во нејзините припадници е вложување во нашиот мирен сон и безбедност.

„Кога инвестираме во сајбер безбедност, инвестираме во безбедност за домашната критична инфраструктура, сигурност на нашите системи за снабдување. Кога ги ремонтираме нашите хеликоптери, имаме дополнителен државен ресурс. Кога обезбедуваме оклопни возила, тоа го правиме за да дадеме сила и заштита на македонската одбрана. Владата ќе продолжи да инвестира и да ја модернизира армијата – не за НАТО – за нас”, рече министерката Шекеринска, и додаде дека ќе продолжиме да ја градиме Армијата како гордост на секој граѓанин: Македонец, Албанец, Турчин, Ром, Влав, Србин или Бошњак за наша целосна воена интеграција во НАТО и не само за НАТО, туку за нас“, посочи министерката Шекеринска..

Претседателот Стево Пендаровски во своето обраќање истакна дека патот до членството беше долг, и со него се заокружија заложбите на повеќе парламентарни состави и влади, со поддршка на огромното мнозинство македонски граѓани. „Во овој период на глобална неизвесност и геополитички тензии, НАТО е важен стабилизирачки фактор за Северна Македонија. Членството во НАТО не е гаранција дека веќе нема да се соочуваме со предизвици бидејќи тие се неминовни за секоја држава во светот. Меѓутоа, членството е гаранција дека кога ќе се соочуваме, нема да бидеме сами и дека нашата подготвеност за отпор и за одбрана ќе биде мултиплицирана“, рече тој.

Претседателот на Владата Зоран Заев потенцираше дека членството во НАТО е израз на нашата натпартиска, широка, мнозинска, национална, мултиетничка и државничка одлука за тоа дека патот напред е патот на демократијата, сигурноста и безбедноста.

„Ако со еден збор треба да го опишам денешниот настан со кој го славиме членството на Северна Македонија во НАТО – тогаш тој збор е: УСПЕАВМЕ! Успеавме затоа што членството во НАТО е најголемиот придонес за нашата безбедност и стабилност. Тоа е најсилната гаранција за заштита на територијалниот интегритет и на суверенитетот на Република Северна Македонија“, истакна претседателот на Владата.

Премиерот Заев додаде дека претставниците на нашата земја во НАТО денеска седат на заедничка маса со најголемите и најразвиените земји во светот и дека Северна Македонија е еднаков дел од ова големо семејство на развиени демократии и заедно со нив го даваме нашиот придонес кон светскиот мир и безбедност.

Командантот на сојузничката команда на здружени сили на НАТО во Неапол, адмирал Роберт Бурк, во своето поздраво обраќање потенцираше дека и пред да стане сојузник, Северна Македонија долго време беше партнер на НАТО како придонес за евроатлантска безбедност. „Вашата посветеност кон Алијансата се докажува одново и одново. Алијансата е посилна поради вашите споделени принципи и вредности со НАТО, со вашата посветеност кон идеалите за слобода и демократија и вашата цврста решеност да обезбедите мир и стабилност“, подвлече адмирал Бурк.

Програмата по повод една година од членството во НАТО беше исполнета со показни вежби и активности на Армијата, вклучувајќи прелет на грчки воздухоплови во рамки на мисијата „Air Policing“, заедно со хеликоптери на македонското воено воздухопловство, точката Егзерцир на армиската Гарда, како постројувањето и маршот на ешалони од единиците кои учествувале во мисиите предводени од НАТО меѓу кои се и припадниците на Лесниот пешадиски баталјон.

\

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail