Медал од Хрватска за главен наредник Сашка Кнежевиќ

На главен наредник Сашка Кнежевиќ и беше врачен бронзен „Медал за извонредност во школувањето“. Медалот го доделува началникот на Главниот стожер на Вооружените сили на Република Хрватска адмирал Роберт Храњ, а и беше врачен денеска од страна на хрватската одбранбена аташе Маријана Плеша Чадониќ на пригодна свеченост во амбасадата на Хрватска во Скопје.

Кнежевиќ ја помина академската 2019/2020 на школување во Школата за Високо подофицерско образование при Военото училиште „Д-р Фрањо Туѓман“во Хрватска. Во текот на школувањето таа постигна одлични резултати (4.95) при што беше прогласена за една од трите најдобри студенти. Вредно е да се истакне дека ова е прв случај кога на странски студент му е доделен медал од началник на Генералштаб на Вооружените сили на Хрватска, што е дополнително потврда за успесите на припадниците на нашата армија.

На свеченоста присуствуваше и министерката за одбрана Радмила Шекеринска, началникот на Генералштабот на Армијата генерал потполковник Васко Ѓурчиновски и амбасадорката на Република Хрватска во Северна Македонија, Нивес Тигањ.

Заблагодарувајќи се за укажаната чест, наредник Сашка Кнежевиќ рече дека и било задоволство да ја посетува школата и дека времето поминато на хрватското воено училиште и било исполнето со убави моменти и гостопримство од страна на домаќините.

Честитајќи и на Сашка за медалот, министерката Шекеринска рече дека таквите моменти ја прават горда министерка за одбрана и даваат смисол на заложбите за повеќе жени во Армијата.

Одликувањето го честиташе и началникот на Генералштабот Ѓурчиновски кој изрази задоволство од резултатот што го постигна Кнежевиќ во Хрватска и рече дека нејзиниот успех е пример и мотивација за останатите припаднички на Армијата.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail