Посета на делегација на Министерството за одбрана и Армијата на војниците во Авганистан

Заменик министерот за одбрана Беким Максути заедно со државниот секретар Драган Николиќ и командантот на Здружената оперативна команда генерал Павле Арсоски денеска во Кабул, Авганистан се во посета на припадниците на Армијата на Република Северна Македонија во мисијата “Одлучна поддршка” предводена од НАТО.

Делегацијата предводена од заменик министерот за одбрана утрово се сретна со припадниците на двата контингента на нашата Армија кои се дел од Командата за обука, советување и асистенција -Главен град и Командата за обука, советување и помош – Север како и со најстариот национален претставник, полковникот Љупчо Јовановски.

На средбата припадниците на контингентот го запознаа заменик министерот за одбрана со своите активности и задачи во Авганистан, а тој им се заблагодари за покажаниот професионализам и посветеноста во извршувањето на задачите со што се докажале како кредибилен партнер на НАТО сојузниците и како амбасадори кои во голема мерка и помагаат на својата земја да стане 30-та членка на Алијансата .

Заменик министерот се сретна и со Командантот на КОСА, бригадниот генерал Јашар Дилбер, а преку видео-конференциска врска разговараше и со командантот на командата за обука, советување и асистенција – Север, германскиот бригаден генерал Герхард Ернст Петер Клафус. Заменик министерот за одбрана се заблагодари за поддршката на нашите војници, а генералите изразија задоволство од професионалноста, способноста и посветеноста на припадниците на Армијата во извршувањето на задачите, чија главна задача е обука и асистенција на авганистанските сили. Заменик министерот за одбрана имаше средба и со бригадниот генерал Хусеин Канбур, командант на меѓународниот аеродром во Кабул, „Хамид Карзаи“.

Во попладневните часови делегацијата се сретна со војниците кои се одговорни за безбедноста на главната команда на мисијата „Одлучна поддршка“ во Кабул, со заменик командантот на мисијата генерал Салваторе Кампорале и со највисокиот цивилен претставник на НАТО, Николас Кеи. Од нивна страна беше искажана благодарност до нашиот контингент за посветеноста во извршувањето на задачите како и придонесот што го даваат во зацврстувањето на мирот и безбедноста не само во Авганистан туку и пошироко.

Придонесот во меѓународни операции за поддршка на мирот е стратегиска определба и висок приоритет на Владата на Република Северна Македонија. Нашата земја е дел од мисијата на НАТО во Авганистан од 2002 година. Во рамките на тогашната мисија ИСАФ, а од 2015 во рамките на „Одлучна поддршка“, нашата Армија учествувала со над 3.000 припадници. Во моментов во „Одлучна поддршка“ се распоредени 43 припадници и 4 припаднички на АРСМ, и тоа во рамките на командата на главниот град Кабул во соработка со вооружените сили на Турција, во единицата за обезбедување на главната команда на мисијата во Кабул во соработка со вооружените сили на САД, во тимот за советување и асистенција во командата Север под германскиот контингент и во рамките на придонесот САД – Јадранска повелба.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail