Лесната пешадиска борбена група ќе биде нашиот НАТО капацитет – започна колективната обука на нашите војници со тим од Обединетото Кралство

Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска денеска заедно со британската амбасадорка во земјава Рејчел Галовеј ги посетија припадниците на Армијата од Лесниот пешадиски баталјон кои под менторство на мобилен тренинг тим во Обединетото Кралство реализираат колективна обука на армискиот полигон „Криволак“.

„Лесната пешадиска борбена група ќе биде нашиот капацитет кој што ќе стане НАТО капацитет, заедно со друга група на структури како што се на пример специјалните сили“, рече министерката Шекеринска и додаде дека фокусот во 2021 година ќе биде токму оваа единица која е лоцирана во Штип – обезбедувањето на неопходен персонал, потребната обука и опрема која соодветствува на стандардите на Алијансата.

Министерката информираше дека припадниците на Армијата заедно со тимовите од Обединетото Кралство оваа година веќе работеа на поединечна обука и поединечен тренинг, а сега започна и колективниот тренинг, кој и овозможува на нашата НАТО формација практично да ги исполни стандардите кои што се очекуваат од една членка на Алијансата.

„Јас сум убедена дека во 2022, Република Северна Македонија ќе го обезбеди тоа што го декларираше како свој НАТО ресурс и обврските кои што ги презеде како НАТО земја членка“, рече Шекеринска.

Министерката се заблагодари за континуираната и конзистентна поддршка која што ја дава Обединетото Кралство во делот на одбраната и истакна дека таа помогна во процесот на трансформацијата, во планирањето, а сега помага и во овие конкретни чекори на обука на нашите главни структури во Армијата.

Амбасадорката Галовеј истакна дека присуството на тренинг тимот од Обединетото Кралство од 1. баталјон на Ирската гарда претставува продолжение на долгогодишната поддршка и е показател на блискоста на билатералните безбедносни односи меѓу Северна Македонија и Обединетото Кралство. Додаде дека армискиот полигон „Криволак“ претставува извонреден капацитет, не само за нашата земја, туку и за регионалните партнери и за НАТО и дека со инвестициите во инфраструктурата, „Криволак“ нуди „одлична можност за партнерите од регионот да изведуваат комплексни вежби со користење на капацитети од светски рамки.“

Обуката менторирана од британскиот мобилен тренинг тим започна во јануари 2020 година со индивидуална обука на 28 професионални војници, а продолжи со обука на седум старешини од истата едниница. Реализирана беше и стручно специјалистичка обука, колективна обука на ниво на одделение, а во моментов се спроведува колективна обука на првата пешадиска чета. Според плановите следи напредна индивидуална и колективна обука, тактички вежби и учество на големата вежба „Одлучен удар 21“ идната година на „Криволак“.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail