Шекеринска: Убедена сум дека нашето членство во НАТО, ќе биде дополнителен ветер во едрата на нашите ЕУ планови

Под мотото „Две езера – две стратешки цели – ЕУ и НАТО“, а во чест на Денот на независноста, денеска во организација на Министерството за одбрана се реализираше искачување на планината Галичица. Се искачуваа министерката за одбрана Радмила Шекеринска заедно со припадници на Армијата, членови на вадата, амбасадори, одбранбени аташеи и градоначалници.

По пристигањето на врвот Лако Сигној, од каде може да се погледнат двете езера Преспанското и Охридското, министерката Шекеринска рече дека убавата глетка има симболика – погледот е насочен кон двете  стратешки цели, членството во ЕУ и НАТО.

„Сакавме денеска по повод Денот на независноста да бидеме и симболички на овој врв, да покажеме дека погледот ни е насочен кон двете стратешки цели и кон члеството во ЕУ и кон членството во НАТО. Пред две години кога прв пат министерството за одбрана организираше ваков марш, тоа го направивме во Крушево и целта ни беше да кажеме дека ако знаеш која ти е заедничката цел, ако знаеш како да се организираш, ако си доволно трпелив и упорен, ако не се откажуваш по патот, дури и тие врвови не се недостижни.“ рече Шекеринска.

Таа додаде дека тогаш членството во НАТО изгледаше недостижно, во период кога се излегуваше од политичка криза, но дека сега, две години потоа членството е на дофат.

„Не делат практично недели или неколку месеци до членството. Со истата симболика со истата сила, со истата енергија, со истата упорност и знаење, сега се свртуваме и кон втората сратешка цел, а тоа е почетокот на преговоти со ЕУ. Како што погледов на двете езера не остава без здив, така можеби ќе не остава без здив работата на овие две стратешки цели. Тешки се, но задоволството, сатисфакцијата и резултатите се неверојатни. По повод овој ден на независност сакаме да испратиме пораката до цела наша татковина е дека трудот се исплати, дека енергијата вложувањето, упорноста возвраќаат со резултати. Убедена сум дека нашето членство во НАТО, ќе биде дополнителен ветер во едрата на нашите ЕУ планови.“ рече Шекеринска.

Американската амбасадорка Кејт Брнс рече дека денешниот настан е убава можност ЕУ и НАТО да ја покажат поддршката на Република Северна Македонија. Францускиот амбасадор Тимоние рече дека искачувањето е симбол на мирот, надежта и заедничката работа за иднината, а словачкиот амбасадор Хенрик Маркуш изрази надеж дека земјата уште годинава ќе има успех во „искачувањето“ кон ЕУ. На планинарската тура учествуваше и шефот на канцеларијата на НАТО Зоран Јанковиќ, кој рече дека Северна Македонија ги отвори сите врати кон НАТО и ЕУ и наскоро ќе биде 30. земја членка на Алијансата.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail