Инженерците од Армиите на Северна Македонија и САД започнаа со подготовка на полигонот Криволак за вежбата Одлучен удар 21

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска и заменикот началник на Генералштабот Азим Нуредин, заедно со одбранбеното аташе на САД полковник Пит Рауел, денеска присуствуваа на почетокот на заедничката работа на припадниците на инженериските единици на Армиите на Северна Македонија и САД, кои во следните 30 дена ќе го подготват теренот на полигонот за меѓународната вежба „Одлучен удар 21“ која ќе започне на средината на следниот месец.

190 припадници на 15. инженериски баталјон на САД со 200 инженериски машини, возила и опрема пристигнаа на Криволак и заедно со 120 инженерци на Армијата на Северна Македонија, ќе работат на патната инфраструктура на полигонот, на изградба на полигон со подвижни цели за оклопни возила и полетно – слетна патека за беспилотни летала, а ќе биде подигнат и магацин за складирање на мети.

Инженериските единици од Армијата на Северна Македонија веќе самостојно пробија 33 километри нови патишта за подобро поврзување и проодност на полигонот, а заедно со американските инженерци ќе продолжат со работа на патната инфраструктура, на обнова и зголемување на капацитетот на набљудувачницата Џидимирци, пробивање на пат до северниот влез во полигонот.

Меѓународната вежба „Одлучен удар 21“ на Криволак ќе започне на 17 мај и ќе трае до 2 јуни, со учество на припадници на Армиите од Северна Македонија, САД, Бугарија и Грција.

Министерката Шекеринска и заменик началникот на Генералштабот Нуредин денеска ја искористија посетата на Криволак и за средба со припадниците на Армијата кои на Криволак посетуваат курс за подофицери. Со завршувањето на оваа обука, по 11 години Армијата ќе ги зајакне своите редови со првата генерација на 120 нови подофицери.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail