Шекеринска: Целосната интероперабилност можеме да ја достигнеме само доколку постојано ги проверуваме и надградуваме своите капацитети

„Членството во НАТО покрај престиж и мотив, е и обврска. Во сите области на одбраната да работиме  подобро, да функционираме подобро и полека да ги подигаме стандардите на нашето работење. Целосната интероперабилност можеме да ја достигнеме само доколку постојано ги проверуваме и надградуваме своите капацитети, и преку теренски, но и преку компјутерски симулирани вежби како оваа.“, истакна министерката за одбрана Радмила Шекеринска денеска во Касарната „Алекса Демниевски Бауман“ во Велес, каде присуствува на денот на високи гости на регионалната вежба „REGEX 19”.

Шекеринска додаде дека 2019 година се покажа како исклучително успешна година за нашата Армија во делот на вежбовни активности кои се реализираа на наша територија, како што беше најголемата воена вежба „Одлучен удар“. Истакна дека симулациската вежба „REGEX 19“ се реализира за прв пат во нашата земја, со што покажуваме дека имаме знаење, вештини и капацитети, човечки и технички за да може да се доведат до перфекција процесите на блиска соработка и координација со земјите членки и партнери на НАТО, но и со локалните власти, со невладините и меѓународните организации.

„Преку вежбата ги стекнуваме вештините за справување со хибридни закани, со сајбер закани, со закани врз нашата критична инфраструктура, се е тоа прашања кои што се во врвот на приоритетите на НАТО – Алијансата. Значајно е и дека преку оваа комплексна симулација нашите војници и офицери имаат можност да ги зголемат своите вештини и во однос на функционирањето во штаб на една мултинационална бригада, што е значајно да се зголемат вештините и во контактот со медиуми но и како дел од сите важни мисии и операции. “ рече Шекеринска.

Министерката додаде дека на оваа вежба на која учествуваат припадници на 4 различни континенти, на која има насобрано многу искуство од различни армии, не се стекнуваат само вештини и знаења, тука ова е тест за соработка меѓу армии кои доаѓаат од различни култури, кои зборуваат различни јазици, имаат  различни навики, меѓутоа се обединети во една заедничка цел: мир и просперитет во нашите региони и во светот.

„REGEX 19“ e компјутерски асистирана вежба од циклусот вежби “REGEX”, прва од ваков тип која се реализира во нашата држава на која покрај припадници на нашата Армија, учествуваат околу 230 претставници од 18 држави, земји членки и партнери на НАТО, Партнерство за мир, Медитеранскиот дијалог и Истанбулската иницијатива. Вежба е под покровителство на НАТО Алијансата и се реализира во период од 14 до 18 октомври 2019 година во Центарот за симулации во касарната „Алексо Демниевски Бауман“ во Велес.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail