Државниот секретар Николиќ на Денот за високи гости за вежбата „Common Challenge 2019“ во Црна Гора

Државниот секретар Драган Николиќ, заедно со делегација од Министерството денеска во Црна Гора присуствуваше на Денот за високи гости на меѓународната вежба „Common Challenge 2019“ која се реализира од 16 септември, во поширокиот реон на Колашин во неодамна изградениот Центар за планинско војување „Липово“.

Армијата на Република Северна Македонија на вежбата учествува со 37 припадници на ренџерскиот баталјон од Полкот за специјални операции, и ова е нејзино второ учество, по учеството во 2017 година. Освен припадниците на нашата Армија и на Војската на Црна Гора, на вежбата учествуваат и вооружените сили на Австрија и на Италија, како и НАТО – Центарот за планинска обука. Вежбата вклучува околу 300 војници.

Државниот секретар Николиќ во рамките на посетата на Црна Гора, оствари неформални средби со својот домаќин, државниот секретар во црногорското Министерство за одбрана, Слободан Филиповиќ, министерот Предраг Бошковиќ и началникот на Генералштабот на војската, бригаден генерал Драгутин Дакиќ. На средбите се разговараше за досегашната успешна билатерална и регионална соработка и за начините за нејзино континуирано унапредување.

Во рамките на Денот за високи гости беа прикажани неколку сценарија на совладување на непристапни терени со помош на алпинистичка опрема, инфилтрација и дејствување во непристапни и планински терени и евакуација на повредени и ранети во непристапни терени. Прикажана беше и дел од опремата и вооружувањето кое се користеше за време на вежбата, а свечено беше отворена алпинистичката карпа на полигонот „Липово“.

Во составот на делегацијата од Министерството беа и Директорот на Генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија, генерал – мајор Зоран Милески, нерезидентното одбранбено аташе на Република Северна Македонија, полковник Донче Кузманов и командантот на ренџерскиот баталјон, потполковник Ментор Саити. На Денот за високи гости присуствуваа и министерот за одбрана на Словенија, Карл Ерјавец, како и заменикот – началник на Генералштабот на австриските вооружени сили, генерал потполковник Јохан Луиф.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail