Државниот секретар Николиќ во Загреб: Потврдени одличните односи во одбраната помеѓу Северна Македонија и Хрватска

Државниот секретар во Министерството за одбрана, Драган Николиќ, во рамки на посетата на Хрватска, денеска во Загреб се сретна со државниот секретар во хрватското Министерство за одбрана, Томислав Ивиќ.

Државните секретари Николиќ и Ивиќ ги потврдија одличните односи во одбраната и дискутираа за начините на нејзиното понатамошно унапредување. На средбата Николиќ и Ивиќ разговараа и за хрватското искуство од учеството во Концептот за рамковни нации (т.н. „Framework Nation Concept“) на НАТО, Концепт кој е под водство на Италија, а каде покрај Хрватска, вклучени се и Албанија, Австрија, Словенија, Унгарија и Црна Гора.

На средбата стана збор и за претстојното хрватско претседавање со Европската Унија, од јануари следната година, при што државниот секретар Николиќ се заблагодари за досегашната искрена поддршка од Хрватска, и изрази очекување оваа поддршка да продолжи и во напорите за вклучување кон неформалните состаноци на министрите за одбрана на земјите членки на ЕУ, каде се разговара за развојот на Заедничката безбедносна и одбранбена политика на Унијата.

Во составот на делегацијата од Република Северна Македонија предводена од Државниот секретар, беа в.д. Амбасадорот на нашата земја во Загреб, Назиф Џафери и потполковникот Горан Стојановски, од Секторот за меѓународна соработка во Министерството за одбрана.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail